Буџет од 186,2 милиони евра за подобрување на животната средина во Скопје

Во делот на аерозагадувањето, Ончевска Наџинска рече дека најмногу средства се наменети за субвенции.

64

Град Скопје годинава го зголеми буџетот за животна средина за 30 отсто во однос на 2018, односно во овој сектор ќе се потрошат вкупно 186,2 милиони денари.

Помошникот раководител на Секторот за заштита на животната средина во Град Скопје Љиљана Ончевска Наџинска денеска информира дека годинава ќе се работи на подобрување на квалитетот на воздухот, ќе се реализира и понатаму планот за подобрување на квалитетот на воздухот, а продолжуваат со мониторингот на подземните води, заштита на изворот Рашче и бунарите Нерези и Лепенец.

– Конечно ќе се изработи картата за бучава. Тоа е една област во животната средина што досега беше запоставена. Многу средства се предвидени за заштита на биодиверзитетот, природното наследство, локалитетите кои се заштитени од Град Скопје, како и зачувување на здравјето и обезбедување благосостојба за граѓаните со повеќе проекти – рече Ончевска Наџинска.

Таа појасни дека во областа заштита на водата, ќе се работи на испитување на квалитетот на подземните води, околу изворот Рашче посебно, во однос на шестовалентниот хром, историското загадување од „Југохром“. Според неа, иако водата што ја пиеме во градскиот водовод е со висок квалитет и една од најквалитетните во Европа, земајќи ги предвид климатските промени, треба да се мисли и на лоши сценарија. Таа додаде дека веќе четврта година се спроведуваат активности за испитување алтернативни извори за водоснабдување, а ќе продолжат и со алтернативни извори за техничка вода.

Во делот на аерозагадувањето, Ончевска Наџинска рече дека најмногу средства се наменети за субвенции. Ќе продолжи субвенцинирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, за чистење на оџаците, за набавка на посовремени уреди, како топлотни пумпи, субвенции за приватните превозници…

Програмата на активностите од областа на заштита на животната средина и природата на територијата на градот Скопје за 2019 година беше презентирана пред претставници од општините во Скопскиот плански регион и невладините организации.