Метлата на Заев може и ќе заигра, ама доцни – Неколку министри и директори први на тапет

Чистката што ја најавува премиерот Зоран Заев по лошите резултати од првиот круг на претседателските избори требаше да почне уште пред изборите, со цел да се упати порака до граѓаните дека ќе има сериозни промени, велат избори во влaдеjачката коалиција. Од СДСМ велат дека со некои партиски кадри премиерот може да расчисти и во овие две недели, особено со оние кои, не само што се на високи партиски функции, туку добија и важни функции за изборите.

– На Заев му беше укажано дека ако не се тргнат министрите кои најлошо котираат во јавноста како и именуваните функционери, тоа ќе се одрази на резултатите од претседателските избори. Премиерот ништо не презеде и на крај го видовме ефектот од тоа – велат изvори од владеjачката коалиција.

Меѓу министрите за кои се шпекулираше дека предизборно требаше да биде реконстриуран е Венко Филипче кој го води ресорот здравство. Како пример за лоши партиски решенија се посочува Битола, каде, иако има силна партиска организација, поради незадоволство на членството на СДСМ од првите луѓе во партијата и локалната власт, дел од партиските членови не излегоа на гласање.

Според партиски извори, промена на ресори меѓу коалициските партнери нема да има, но метлата треба да смете и некои од нивните министри и директори. Меѓу министрите кои први би требало да бидат на удар се оние за инвестиции.

Од СДСМ засега не откриваат повеќе детали за најавената чистка. Оттаму велат дека засега нема потреба да се шират шпекулации бидејќи процесот е се уште на почеток, а секторите во кои би имало промени ги знае единствено Заев.

– Отворено зборувам, не да се заканувам некому, пораката ја примивме во првиот круг. Ова јасно им го кажувам на нашите поддржувачи кои решија да останат дома и кои се незадоволни од нас, од некои наши функционери, на локално или централно ниво – чистка ќе има. И тоа е мојата порака – рече Зоран Заев на првата трибина во Карпош по првиот круг од претседателските избори.

– Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата заради некои наши слабости. Слабости има, но работиме и ќе работиме да ги исправиме. Разбрав, многу наши поддржувачи ми испратија порака „Еј ало, менувај нешто, не ја бива вака“ – изјави Зaев.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Заев дека први треба да летаат Дамјан Манчевски од информатичко општество, Асаф Адеми од култура, Садула Дураку од животна средина и Венко Филипче од здравство.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека изјавата на Заев покажува дека тој има желба да направи промени во персоналните решенија во сите нивоа на власта, но треба да видиме колку доследно ќе го спроведе тоа.

– Не смее работата да остане само на театар со метла, без поширока промена нема ништо да се случи. Луѓето сакаат да видат резултати во економијата, борбата со корупција, владеењето на правото – вели Арсовски.

Тито Петковски од НСДП потенцира дека главната порака што ја испратиле граѓаните со бојкотот на првиот круг од гласањето е дека мора да има сериози промени.

– Се покажа дека СДСМ со ДУИ е послаб отколку сам. ДУИ, пак, излезе дека е несериозен коалициски партнер. Граѓаните испратија порака дека мора да има промени, дека не сакаат функционери кои си ги врботуваат роднините и прават сомнителни тендери. Некои луѓе покажа дека нема да се сменат. Зафатот на промени мора да биде посериозен и во сите сфери, зошто Заев си ги потроши кредитите – вели Петковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот