„Металците“ го понижија Работнички

фото: мзт скопје

МЗТ Скопје со убедлива победа од неверојатни 36 поени (80:44) ја отвори финалната серија во домашниот шампионат против Работнички. Освен што го демолираа со неверојатно високата победа, „металците“ го понижија Работнички со тоа што во второто полувреме му дозволија да постигне мизерни 12 поени, не му дозволија да даде поени од игра во последната четвртина и го оставија и скоро 12 минути без поени.

Стартот на натпреварот не навестуваше вакво „газење“ на Работнички, шампионот во првата четвртина создаде и двоцифрена предност (6:16). Но состојбата на теренот во СЦ „Јане Сандански“ почна да се менува во втората четвртина кога „металците“ успеаја, прво да фатат резултатски приклучок, а потоа и да го преземат водството кое до крајот на натпреварот само го зголемуваа.

Во третата четвртина, кошаркарите на МЗТ Скопје му дозволија на шампионот да постигне само девет поени, а последните, избраниците на Марин Докузовски ги постигнаа на четири минути до крајот на четвртината.
Во последната четвртина „металците“ продолжија со фантастичната игра, и на три минути до крајот на натпреварот му „дозволија“ на противникот да ги постигне првите поени, а притоа постигнаа 25 поени. Работнички во последната четвртина постигна само три поени и сите три ги даде од линијата за слободни фрлања.

Дамјан Стојановски беше најпрецизен со 17 постигнати поени, Андреј Магдевски уфрли 13, додека Иве Иванов даде 10 поени.  Кај Работнички, Марјан Јаневски даде 13 поени, додека Бобан Стајиќ постигна 10 поени.

Вториот натпревар од финалната серија се игра во вторник во салата „Борис Трајковски“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот