Меси: Не планирав да си одам од ПСЖ, но бев единствениот по Мундијалот кој не доби признание од клубот

Лионел Меси минатото лето го напушти Пари Сен Жермен и се пресели во САД, во редовите на Интер Мајами. Богатиот клуб од Париз му понудил продолжување на соработката на Аргентинецот, но тој не сакал ниту да слушне.
Посебно по големото понижување кое го доживеа од првиот човек на овој клуб каде помина две сезони. Минатиот декември Меси ја освои титулата светски шампион со репрезентацијата на Аргентина на Светското првенство во Катар.
Сега излезе на виделина дека францускиот првак ПСЖ не му ја честитал титулата на својот играч, како и трофејот наменет за најдобриот фудбалер кој Меси исто така го освои во Катар. Да биде уште полошо, само Меси не доби таква чест од клубот за кој тогаш настапуваше.
– Не планирав да си одам од ПСЖ, но тоа се случи. Отсекогаш сум велел дека работите се случуваат со причина. Иако немав убави моменти во ПСЖ, како член на тој клуб станав светски шампион. Сепак, останав единствениот играч од репрезентацијата кој клубот не му оддаде признание за освоениот трофеј – изјави Меси.
По таквиот однос, но и навредите од навивачите, Меси немаше друг избор освен да ги спакува куферите и да го напушти клубот. За париските „светци“ одигра 75 натпревари и постигна 32 гола и запиша 35 асистенции.
И самиот најави неколку пати дека Мундијалот во Катар му беше последен со репрезентацијата, сега повторно се шпекулира дека би можел да игра и на Светското првенство 2026.
– Не знам дали ќе играм. Не ни размислувам за тоа, бидејќи е многу далеку. Мојот фокус во моментов е да играм во Купот на САД. Што ќе се случи потоа ќе зависи од тоа како се чувствувам. Има уште три години до следното Светско првенство – се зборовите на Меси.