Мешовита комисија: Културен натпревар во молчење за Гоце

Членовите на македонско-бугарската комисија ја завршија 12-тата седница, на која се очекуваше да се расправа за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев, но јавноста остана ускратена за детали од дводневната онлајн расправа и за атмосферата во која дискутирале членовите по декемврискиот неуспех на 11-тата седница со „нула напредок“.

Додека аналитичарите предлагаат дури и состаноците на мешовитата комисија да се пренесуваат на телевизија со цел граѓаните на двете земји да стигнат до истоветно прифаќање на спорните историски настани и личности, членовите на комисијата информациите ги даваат „на лажичка“. Јавноста знае само дека освен Делчев, тема за разговори се и учебниците по историја за седмо одделение кај нас, како и записникот од 10-тата средба кој остана непотпишан.

Пред два дена министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева рече дека во работата на комисијата не е постигнат никаков напредок и дека нема договор ниту за периодот од средниот век, но „важно е да се продолжи дијалогот и да имаме напредок таму каде што можеме“. Членовите на бугарскиот тим пред средбата испратија пораки дека комисијата ќе се соочи со истите тешкотии како и на минатите средби.

– Нема друг начин освен да прифатиме рационално размислување и придржување кон духот на изворите на светската историографија. Само така можеме да одиме напред – рече Наум Каичев, историчар од бугарски тим.

Неизвесно е дали и каков напредок ќе биде постигнат за ликот и делото на Гоце Делчев, за кој Бугарија инсистира дека Македонија треба да го признае и да го чествува како Бугарин, затоа што „тој самиот така се определил“. Ова е едно од најжешките прашања за кои се судираат Македонија и Бугарија, за кое лани опозициската ВМРО-ДПМНЕ организираше протести, а претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев го „пробиваа ледот“ со најавите дека „ние не би имале ништо против заедничкото чествување на Делчев“. Иако се очекуваше, на декемвриската средба на комисијата не се расправаше за оваа тема, а таа заврши како тотално фијаско, по што следуваше и бугарското вето за македонските евроинтеграции. Потоа комисијата се состана во јануари во скратен состав, кога беше постигнат извесен технички компромис за употребата на придавката македонски во записниците, но ниту за ова прашање јавноста не беше детално информирана.

Во 2021 година се очекува комисијата да има пет состаноци. Нередовното работење на комисијата беше еден од главните забелешки на бугарската влада. Захариева пред два дена соопшти дека со македонската влада договараат протокол за отчет на комисијата, што треба да биде усвоен на претстојната меѓувладина конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот