Мерките за заштита од ковид-19 ги „заштитија“ и контејнерите во Скопје?!

Фото: Драган Митрески

Палењето на садовите за одлагање на комуналниот отпад во изминатиот период е значително намалено. Ваквата практика на намалено уништување на контејнерите, најверојатно се должи на намалената фреквенција на луѓе поради мерките за заштита од коронавирусот и забраната за групирање, особено во доцните часови.

Во минатото контејнерите најчесто се палеа намерно од несовесни граѓани, а многу поретко поради несоодветното складирање на отпад.

– Од почетокот на годинава до денес се опожарени вкупно 40 контејнери за одлагање на отпадот, од коишто 7 нови садови со зафатнина од 3,2м3 и 33 стари садови, со зафатнина од 1,1м3. Во текот на последните неколку месеци, појавата на опожарување на нашите садови за одлагање на отпадот е значително намалена – информираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Сепак, иако појавата за палење на контејнерите е намалена, за жал расфрлањето на отпадот од домаќинствата околу садовите за отпад и понатаму е исклучително честа појава. Па така, многу често на голем број локации низ главниот град можат да се видат полупразни контејнери околу кои има купишта ѓубре. Неретко може да се забележи и оставен мебел, бела техника или, пак, градежен шут околу контејнерите иако тоа е строго забрането и казниво.

Во обид да се намали појавата на расфрлање на отпад од домаќинствата околу садовите за отпад, ЈП „Комунална хигиена“ во соработка со Град Скопје и скопските општини, реализира проект за поставување подземни контејнери на неколку локации во Скопје. На тој начин, отпадот наместо над земја се складира под земја и на тој начин не е видлив сѐ до празнењето на кантите за смет од страна на екипите на јавното комунално претпријатие. Но, за жал, ниту вака поставените контејнери не ги спречија несовесните граѓани насобраниот отпад наместо во кантите за смет да го расфрлаат околу нив.

– Проектот за поставување подземни контејнери се одвиваше во неколку фази, со трипартитно учество во финансирањето, при што третина од средствата ги сносеше ЈП „Комунална хигиена“, третина – Градот Скопје и третина односната општина – велат од јавното комунално претпријатие.

Оттаму информираат и дека засега нема најава дека ќе продолжи реализацијата на овој проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот