Мерките за полесно вработување што вклучуваат паричен надоместок не ја исклучуваат социјалната помош

Агенција за вработување/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во тек е ИПА-проект за полесно вработување на ранливите категории. Целта на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош, да се внесат на пазарот на трудот младите лица до 29 години, Ромите, жените, лицата со попреченост и долгорочно невработените лица

Веќе четврта година се спроведува проект финансиран од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“. Многу работи, како што велат од Агенцијата за вработување се решаваат во од, а отстранета е и најголемата демотивирачка пречка за пријавување на оваа категорија граѓани, така што веќе извесен период, тие што се пријавуваат за мерки што се придружени и со извесен паричен надоместок, истовремено добиваат и социјална помош, за разлика од почетокот кога таа им се укинуваше.

– Кога почнавме со проектот, се соочивме со тоа дека ако некој учествува во обука за побарувани занимања, каде што месечниот надоместок е 9.000 денари, а ја губи социјалната помош, Но, тој проблем сега не постои. Навистина беше демотивирачки – рече Влатко Стојановски, кој е дел од овој проект.

Целта на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош (ГМП), да се внесат на пазарот на трудот младите лица до 29 години, Ромите, жените, лицата со попреченост и долгорочно невработените лица.

– Предуслов за вклучување на лицата е да се евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени лица активни баратели на работа. Центрите за вработување и Центрите за социјална заштита вршат селекција на најлесно вработливи членови од ГМП-домаќинствата и за нив подготвуваат Индивидуален план за активација што е услов за лицето да ги користи услугите и мерките од проектот. Слично е и со активните баратели на работа од ранливите групи за кои се подготвуваат Индивидуален план за вработување. Во изминатите три години, центрите подготвија повеќе од 4.200 индивидуални планови за активација – вели проектниот координатор Наташа Здравковска.

Проектот се состои од две компоненти: Програма за советување и мотивација и Програма за поддршка на вработувањата преку обуки за 2.659 во 5 мерки: обуки за побарувани занимања, обука на работно место кај конкретен работодавач, субвенционирање на вработување, практикантство и пилот-програмата „Втора шанса“.

Во побарувани занимања, за годинава по одделни градови се наведени негуватели, шминкери, фризери, педикири, масери, слаткари, пекари, готвачи, заварувачи, монтери… Пријавените ќе добијат практика, но и 9.000 денари месечен надоместок.

Обуките кај конкретен работодавач траат 3 месеци, а надоместок добиваат и работодавачите и тие што одат на обука, при што работодавачот треба да задржи најмалку 50 отсто од оние што отишле на обука.

За да се заинтересираат работодавачите, се нуди и субвенционирање на плати за 849 работници.

Практиканството се наведува како особено интересна мерка, каде што практикантите исто така добиваат нето износ од 9.000 денари, а не е предвиден надоместок за работодавачите.

Проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ е со времетраење од 54 и започна да се спроведува од 20 септември 2019 година. Вкупен буџет на проектот е околу 4 милиони евра, од кои 3 се обезбедени од страна на Делегацијата на Европската Унија.

9,5 отсто од невработените немаат дооформено средно образование

Со пилот мерката „Втора шанса“ како дел од целиот проект за полесно вработување на ранливите категории треба да им се овозможи на 200 луѓе на кои им недостига последната година од средното образование, да ја завршат, а трошоците целосно ќе им бидат подмирени.

– Кога направивме анализа, дојдовме до податок дека 9,5 отсто од невработените го немаат дооформено средното образование. Но, треба да се земе предвид и дека има одреден број кој во меѓувреме довршиле средно училиште, па некои дури и дипломирале на факултет, но го немаат внесено тој податок во Агенцијата. Сепак, бројот на оние кои немаат дооформено средно образование е голем и ние засега имаме 85 луѓе што ја учат последната година и очекуваме успешно да го завршат средното образование – рече Влатко Стојановски, координатор на „Втора шанса“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот