Мерките олабавуваат, граѓаните да не се опуштаат, да се пријават за вакцина

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Претседателката на здружението на матични лекари доктор Лилија Чолакова-Дервишова реагира дека се правеле упади во системот „Мој термин“ и се менувале упати. Според неа, пензионери и возрасни лица што немаат превоз, немаат придружба и имаат здравствени проблеми, се приморани да одат во друг град да примат вакцина, а не таму каде што живеат.

Од денеска полицискиот час ќе трае од 23 часот навечер до 5 часот наутро, а угостителските објекти ќе служат гости на отворените летни тераси до 22.30 часот. Овие мерки здравствените власти ги оправдуваат со подобрувањето на епидемиолошката слика во земјава, односно помалиот притисок врз болниците, меѓутоа експертите предупредуваат дека доколку не се почитуваат мерките за растојание и носење маска, ситуацијата повторно може да ескалира.

Професор доктор Никола Пановски препорачува граѓаните да го поминуваат слободното време на отворено, односно да не се групираат во кафулињата. Според него, олабавувањето на мерките може да претставува ризик доколку граѓаните, особено младите лица, не одржуваат растојание.

– Тоа и сега е ризик. Кога ги гледате на колку мало растојание се во кафулињата, ви станува јасно дека тие се однесуваат како што се навикнати пред пандемијата. Мерките ќе бидат преуранети ако не се почитуваат. Се надевам дека граѓаните поголемиот дел од времето ќе го поминуваат на отворено, без групирања – изјави Пановски за „Слободен печат“.

Вакцинацијата ќе се спроведува на седум пункта низ државата

 

Во пресрет на олабавувањето на рестриктивните мерки, во земјава почна масовната имунизација на населението со кинеската вакцина „Синофарм“, на седум пункта во спортските сали во Скопје, Кавадарци, Битола, Куманово, Охрид, Тетово и во Штип. Според најавите, дневно ќе се имунизираат од 10 до 15 илјади граѓани. Вакцината на „Синофарм“ се дава во две дози, на растојание од 21 ден, а имунитетот се создава шест недели по втората примена доза.

Според Жаклина Чагоровска од „Мој термин“, старосната група за имунизација се намалува, а откако ќе дојдат на ред граѓаните на 65-годишна возраст, критериумите ќе се променат, односно ќе почне да се вакцинираат оние со хронични болести, односно овој критериум ќе биде додаден на критериумот за возраста и така тие со хронични болести ќе добијат повисок приоритет. Според Чагоровска, во наредните 15 дена сите што се пријавиле да се вакцинираат на сајтот „Вакцинација.мк“, ќе добијат порака и термин каде да дојдат да се имунизираат. Веќе се повикани пациентите што треба да примат вакцина во наредните четири дена.

Пензионери од Велес ќе се вакцинираат во Кавадарци

 

Претседателката на здружението на матични лекари доктор Лилија Чолакова-Дервишова вчера реагираше дека се правеле упади во системот „Мој термин“ и се менувале упати. Според неа, пензионери и возрасни лица што немаат превоз, немаат придружба и имаат здравствени проблеми, се приморани да одат во друг град да примат вакцина, а не таму каде што живеат. Поради ваквите технички пропусти веќе дел од нив се откажале од вакцинација.

– Ова е реакција од голем број колеги матични лекари, дека за време на празниците некој ни влегол во системот „Мој термин“ и ни креирал упати за возрасни пациенти што треба да ги препраќаме наместо во Велес, да одат да се вакцинираат во Кавадарци. Срамота е. Така тие доаѓаат цело утро и ја откажуваат вакцинацијата, зашто немаат превоз, немаат придружба и не ни е јасно како може некој да влезе во нашиот систем и да ни креира упати со наши лозинки кога ние не сме биле воопшто на работа за празниците – вели Чолакова-Дервишова за „Слободен печат“.

Од системот „Мој термин“, пак, велат дека станува збор за грешка што ја направил самиот граѓанин или тој што го пријавил, бидејќи одбрал погрешен град. Граѓаните што добиле порака да се вакцинираат во место кое им е далеку, треба да испратат имејл на [email protected] за да им биде променет пунктот – изјави Чогаровска за ТВ 24.

Оттаму додаваат дека за вакцинација на граѓаните што се тешко подвижни, а се дома, службите ќе излезат во пресрет и ќе извршат теренска вакцинација. Затворениците и тие што се во престој во болниците спаѓаат во критичната група и ќе бидат вакцинирани според здравствените протоколи.

 

Пановски: Ќе фрламе вакцини ако не се подигне свеста за вакцинација

 

Доколку Владата и Министерството за здравство не ја подигнат на највисоко ниво кампањата со која ќе се мотивираат граѓаните да се пријават да се вакцинираат, тогаш голем дел од вакцините ќе останат неискористени и ќе се фрлат, коментира за „Слободен печат“ професор доктор Никола Пановски.

Доктор Пановски смета дека еден од начините на кои здравствените власти може да работат на случајот е да објавуваат компаративни анализи, колку луѓе починале во земјите каде што степенот на вакцинација е висок, како на пример во Израел или во Велика Британија, а колку во Македонија.

– Знам дека им е тешко да кажат дека во Македонија дневно умираат по 45 луѓе, а во Велика Британија само еден човек. Меѓутоа, тоа е само еден од начините на кои може да се подигне свесноста на населението. Мислам дека има млади луѓе што досега не се пријавуваа на сајтот за вакцинација зашто знаеја дека нема вакцини и нема да ги викнат. Очекувам и се надевам дека ќе почнат да се пријавуваат. Треба да се почне со засилена кампања – смета професор доктор Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот