Мерките бавни, загадувањето и натаму царува

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Загадувањето во повеќе градови низ државата деновиве е на многу високо ниво, покажуваат мерењата и на државните и на приватните мерни станици. Во скопската населба Ново Лисиче, според податоците достапни на апликацијата „Мој воздух“ во 21 часот беа измерени 280 микрограми на кубен метар ПМ10 честички, во Кисела Вода 253 мг/м3, во Кавадарци 361, во Куманово 284, во Струмица 225 мг/м3, а во Охрид 188 микрограми.

Нова грејна сезона, стари проблеми

Почетокот на грејната сезона ги врати старите проблеми со загадениот воздух во поголемите населени места, но и старата практика на властите лежерно да се однесуваат кон овој проблем. На прашањето на „Слободен печат“, кои конкретни активности Министерството за животна средина ги осмислило и ги реализирало во 2020 година и какви активности се планирани за идната година, за решавање на проблемот со аерозагадувањето, од Министерството ни одговорија:

„Покрај другите редовни активности, во наредниот период Министерството се фокусира на мапирање јавни објекти што користат системи за затоплување со нееколошки горива, работи на измена на законската регулатива за да се зголемат санкциите за прекршоци во животната средина, но и  за повеќе ингеренции и обврски на општините за изработка на локални планови за намалување на аерозагадувањето и предвидување и преземање краткорочни, интервентни мерки при појава на пикови“.

Мерките се напишани, чекаат реализација

Планот за чист воздух, односно Програмата за намалување на аерозагадувањето, амбициозната програма на Владата усвоена кон крајот на 2018 година, предвидуваше цел систем мерки во повеќе области, чија цел беше намалување на аерозагадувањето во главниот град и во неколку други поголеми градови во државата. Притоа беше најавено дека со исполнувањето на тие мерки, ќе се постигне намалување на загадувањето на воздухот до 2020-та, во Скопје до 50 проценти, а во другите градови од 30 до 50 отсто. Една од мерките што ја предвидува Планот за чист воздух е и замената на печките на дрва во Скопје и во градовите Битола, Кичево и Тетово, кои се на врвот на листата со најзагаден воздух, не само во државата, туку честопати и во светот. Сепак, освен неколкуте јавни установи на кои им беше сменет постојниот систем за греење од мазут на струја, како и субвенционирањето инвертери, досега нема информации дека Владата работи на реализација на другите најавени активности предвидени со Планот за чист воздух, а измерените вредности на ПМ-честичките покажуваат и дека тоа што е сработено е исклучително недоволно.

Со Планот за чист воздух за годинава најавена беше замена на системите за затоплување во 45 градинки и 29 училишта, во план е до 2024 година да не постои ниту една институција што загадува. Објавен беше и повик на кој општините можеа да конкурираат и да добијат до 100.000 евра за замена на нееколошките системи за греење во градинките и училиштата, здравствените и административни објекти во најзагадените градови.

Премиерот Зоран Заев пред точно една година вети субвенции за набавка на инвертер-клими за 10.000 македонски домаќинства во износ од максимум до 1.000 евра. Јавниот повик во Скопје сè уште е отворен, но дел од мерките што се однесуваа на главниот град се далеку од реализација. Беше предвидено за изминативе две години 10.000 домаќинства да се приклучат на постојниот топлински оператор БЕГ, а топловодната мрежа да се прошири.

Но, сѐ уште не е оформено новото јавно претпријатие Градски енергетски системи, иако е извршено преземањето на топловодната мрежа во Скопје. Од Градот информираат дека се работи на завршување на административните постапки за добивање лиценца, по што градските власти најавуваат дека ќе почне со дистрибуција на топлинска енергија и дури потоа да се работи на проширување на мрежата и приклучување на нови корисници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот