Мерки за заштита од мерките

Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Крајот на епидемијата не е на повидок, непобитен е фактот дека имунизацијата е на ниско ниво и прилично задоцнета, а секое олабавување на мерките е, најблаго речено, контрадикторно.

Без убедливо, па и без никакво образложение, Владата почна на дневна основа да прави невидени лупинзи со мерките за заштита од корона вирусот. Граѓаните се збунети и револтирани, што е разбирливо, бидејќи не се работи за дилемата што да облечете денес и дали оваа блуза ви одговара со панталоните! Рестриктивните мерки се сменија сто пати и веќе никој не знае што е забрането, а што е дозволено. Има околу 80 протоколи за работа, а од почетокот на пандемијата во Македонија се заразија174.667 лица, билансот на смртни случаи од вирусот достигна 5.842, а бројот на активни случаи е 14.127 (28 август). Од почетокот на пандемијата, правилата за однесување на јавните места се менуваа, но најцврсто се одржаа препораките за носење маски и одржување физичка дистанца. Крајот на епидемијата не е на повидок, останува непобитен фактот дека имунизацијата е на ниско ниво и прилично задоцнета, а секое олабавување на мерките е најблаго речено контрадикторно.

Во моментот додека коси делта сојот, а некои од земјите воведуваат уште порестриктивни мерки, кои вклучуваат и ограничено движење на граѓаните, Светската здравствена организација сигнализира на нова опасност – пандемиски замор. Последица од ова растечко чувство е помалата подготвеност на граѓаните да ги почитуваат заштитните мерки, а странските експерти ги повикуваат државите да подготват своја стратегија за да се изборат со проблемот. Луѓето се демотивирани да ги следат препораките, делумно престануваат да ја доживуваат пандемијата како закана, а почна да затајува и контролно-казнената политика. Гледано отстрана, таква е моментната ситуација и во земјава, која дозволува да се добие впечаток дека последиците од привремените забрани за работа се полоши од самите последици кои ги носи болеста.

Без разлика како ќе се разбере, државните авторитети се најодговорни за ваквите размисли. Нема конзистентност, ниту многу логика во нивните одлуки. Само за потсетување – на 1 јуни се дозволи организирање семејни веселби на отворено, концерти и слободен влез во државата. По само еден месец (1 јули) одлуката беше надградена со дозвола ваквите фешти да се организираат и во затворено. Откако се виде дека „ѓаволот ја однесе шегата“ по месец и пол, од 16 август, дојде забраната за свадби во затворено и влез само за вакцинирани гости, а по една недела( 24 август), повторно е дозволено да се примаат гости во затворен простор?! Министрите повторуваат дека сите треба да бидат одговорни и да ги почитуваат протоколите, но повеќе од јасно е дека веќе не смее да се остава се на свеста на граѓаните.

Кој е овде збунет, а кој ќе остане нормален? Нашите искуства, но и резултатите од светските истражувања, покажуваат дека успехот на јавната политика е во најдиректна врска со процентот на довербата која граѓаните ја имаат во своите лидери. Колку и дали воопшто им веруваат на македонските лидери со ваквите променливи мерки и задоцнета државна помош, граѓаните ќе имаат шанса наскоро да се изјаснат. Оти, со додворување на едните, се губи довербата кај другите…

Ако тргнеме од претпоставката дека никој не сака да се разболи, тоа практично би значело дека граѓаните ги почитувале соодветните и добро конципирани мерки и работеле во своја корист. Тогаш зошто тоа не се прави? Се гледа дека е изгубена довербата во институциите, во креаторите на мерките и во носителите на одлуките. Поинаку и не може да биде, кога секојдневно сме изложени на информации и податоци, кои не се во склад со она што го гледаме во непосредното опкружување. Зад наводната желба да им се угоди на малкумина, сите губиме.

Видео на денот