Меркел вели дека разговарала со Борисов и очекува решение „во блиска иднина“

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Бундестагот одговараше на прашања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Гинтер Крихбаум, кој е од редовите на нејзината партија ЦДУ, а кој упати критики за неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија, јави Дојче веле.

Тој рече дека  јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки на ЕУ, кон земјите кандидати, за да ги промовираат своите билатерални прашања.

-Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја- членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија, запраша Крихбаум.

Меркел на тоа одговори дека е во контакт со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

-Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина, рече германската канцеларка.

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вчера во интервју за Дојче веле најави дека темата за проширувањето и дефинитивно веќе се сели во рацете на следното португалско претседателство со ЕУ, а потоа и на словенечкото.

-Проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Ние со нив формиравме Тројно-претседателство за период од 18 месеци – ги усогласивме нашите програми, многу тесно соработуваме, и нашите португалски пријатели кои сега ќе преземат се многу свесни дека одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и, доколку се исполнат условите и со Албанија, е приоритет, рече Холштајн.

Холштајн и честиташе на македонската Влада на однесувањето во последните месеци, и беше критична кон ЕУ поради неисполнетото ветување кон Скопје.

– Да кажам отворено: ЕУ вети нешто и, во моментов, не успеа да си го одржи ветувањето. Нема сомнеж во тоа. Ние многу се трудевме, но не успеавме да го исполниме ветувањето кое беше дадено во март, рече Холштајн.

Холштајн даде и појаснување за вчерашните заклучоци на КОРЕПЕР, односно за членот 8 од заклучоците што ја содржи следната формулација: „Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата”.

-Оваа реченица во врска со имплементацијата на договорите со Бугарија и Грција е идентична со онаа која веќе беше наведена во заклучоците на Советот за проширувањето во 2018. Формулацијата не е нова и веќе беше во употреба од 2018 година. Таа е еднакво валидна за Бугарија, Грција и Северна Македонија. Оттука, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа. За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето, вели германската амбасадорка. 

Извор: Дојче Веле

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот