Меркел признава: Грешевме, но и германскиот перфекционизам е виновен за тешкотиите со ковид-19

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека тешкотиите со кои се соочува нејзината земја за време на пандемијата на коронавирусот, од бавното спроведување на вакцинацијата до укинување и повторно воведување на регулативите за заклучување, се последица на германскиот „перфекционизам“ и заговара поголема флексибилност во решавање на најновиот пораст на бројките на заразени со короната.

Во долгото телевизиско интервју за јавната телевизија АРД доцна во неделата, Меркел призна дека нејзината влада направила грешки, вклучително и за плановите за заклучување за време на Велигден, објави новинската агенција Бета, повикувајќи се на Франс прес. Долгогодишната германска канцеларка изрази и фрустрација поради постапувањето на некои од гувернерите на германските покраини, вклучително и членови на нејзината партија, кои се спротивставија на воведување на построги ограничувања што биле претходно договорени.

Меркел, која нема да се кандидира за нов петти мандат на парламентарните избори во септември, рече дека го одржува ветувањето дека на секој возрасен граѓанин ќе може да му се понуди вакцината до крајот на летото и посочи дека Германија има добри перформанси во споредба со соседите.

„Потребна е флексибилност“

– Можеби порано бевме одлични перфекционисти и сакаме да сториме се што е во ред, бидејќи секако кој ќе погреши секогаш се соочува со многу критики во јавноста. Но, исто така треба да има флексибилност. Тоа е одлика што ние како Германци треба да научиме малку повеќе, покрај склоноста кон перфекционизам, рече таа.

Како пример, таа ја спомена потребата лекарите во центрите за вакцинација да подготват списоци на луѓе подготвени да ги примат вакцините оставени на крајот на денот.

Досега, Германија вакцинира многу помалку луѓе од Велика Британија, од САД и од Израел.

Меркел, чија влада ја губи поддршката според новите анкети, ги повика своите сонародници да не бидат окупирани од очај.

– Имаме тешка ситуација. Но, погледнете ги нашите соседи. Со исклучок на Данска, тие се борат со истите проблеми, делумно од многу потешка позиција, рече Меркел.

Таа додаде дека Германците треба да „покажат малку повеќе храброст и сила“.

Германската агенција за контрола на болести објави денес дека 9.872 нови инфекции се случиле претходниот ден и 43 починале. Од почетокот на пандемијата во земја со 83 милиони жители, регистрирани се скоро 2,8 милиони потврдени случаи на смртност од ковид-19 и 75.913.

Преземено од balkans.aljazeera.net

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот