Мери Низамова, „опасна“ професорка по англиски јазик и писателка: Лоша услуга на македонскиот јазик му прават надсинхронизираните турски серии

Во животот интуитивно избираме патишта по кои одиме, не знаејќи каде ќе нѐ однесат, уживајќи во убавините на патувањето, без да мислиме на целта, вели за „Слободен печат“ професорката Мери Низамова.  

Во времето кога Мери Низамова одлучила да се посвети на англискиот јазик, кај нас беа популарни други јазици, рускиот и францускиот, па ретко кој претпоставуваше дека токму англискиот ќе доживее толкав „бум“ низ годините, што денес речиси нема дете кое не кажува барем стотина зборови на англиски јазик. Татко ѝ на Мери бил полиглот, зборувал течно англиски, италијански, грчки, француски и германски јазик, па така идната професорка љубовта кон јазиците ја наследила од него. Уште кога имала пет години, татко ѝ од неа побарал да одбере еден јазик за да почне да ја подучува.

– Под строг надзор на татко ми, морав секој ден да одвојам време за работа на јазикот, што тогаш ми беше мачно – се сеќава Низамова.

Го избрала англискиот како да претчувствувала дека ќе биде многу популарен. Потоа запишала факултет по англиски јазик, не знаејќи дека еден ден и таа ќе подучува, исто како татко ѝ, кој всушност ѝ бил идол.

Во екот на пандемијата сè почесто слушаме „пикот“. Не разбирам зошто се користи англиски збор, кој значи врв, а при тоа има македонска наставка „от“. Или „локдаун“ наместо целосно затворање, слушаме и „дободојдовте назад“ што воопшто не е во духот на нашиот јазик, туку буквален превод од „welcome back“.

Професорската професија бара многу трпение и креативност, а особено кога се децата во прашање – и посебен индивидуален пристап. Во што се разликува денешниот модел на професор од оние професори, меѓу кои сте вие, кои не ги забораваме?

– Во пристапот кон децата најважно е трпението и разбирањето, кои произлегуваат од љубов. Важно е да имаме слух за нивните потреби и интереси и да најдеме креативен начин да им се доближиме. Секое дете е свет за себе. Децата ги примаат и меморираат нештата на различен начин. На некои им треба кинестетички пристап (преку движење), аудитивен (преку слушање) или визуелен (преку слика). При подучувањето ги комбинирав трите пристапи. Освен тоа, применував пеење, драматизации и играње улоги. Драматизациите се покажаа особено важни за совладување на интонацијата во англискиот јазик, на која ѝ се припишуваат 23 отсто во пренесувањето на значењето при комуникацијата. Преку глумата и играњето улоги го поттикнував разбирањето на говорот на телото за кое лингвистичките студии велат дека игра голема улога, околу 70 отсто при комуникацијата.

Во тренд е младите и децата сè почесто да употребуваат англицизми, а македонската лексика е во очигледна лоша состојба. Дали според вас тоа се должи на модерната технологија и Интернетот, преку кои ги усвојуваме англицизмите, или сепак, станува збор за недостаток на грижа за јазичната култура?

– Делумно усвојувањето на англицизми се должи на модерната технологија и употребата на Интернетот. Но, недостатокот на професионални лектори е многу очигледен и кога станува збор за медиумите, односно телевизијата. Во екот на пандемијата сè почесто слушаме „пикот“. Не разбирам зошто се користи англиски збор, кој значи врв, а при тоа има македонска наставка „от“. Или „локдаун“ наместо целосно затворање, односно карантин. Кога имаме превод за зборот, сметам дека треба да користиме македонски зборови. Слушаме и „дободојдовте назад“ што воопшто не е во духот на нашиот јазик, туку буквален превод од „welcome back“. Меѓудругото, лоша услуга на македонскиот јазик му прават и надсинхронизираните турски серии. Повторно поради тоа што не се лекторирани. А кој инаку ќе ни го чува јазикот, ако ние не поведеме поголема грижа за негово опстојување.

Во последната деценија-две, на литературниот пазар доминираат лоши преводи што укажува дека секој што го познава јазикот не може да биде и добар преведувач. Што е добар преведувач и кој може да биде?  

– За жал, денешната млада генерација е упатена да чита преводи на македонски јазик. Очигледно е дека преводите секогаш не се добри и разбирливи. Мојата генерација читаше квалитетни преводи на српски јазик, за среќа. Нормално дека секој што го знае јазикот не може и да преведува. Преводот е пресоздавање на литературното дело и мора да има соодветна семантика и синтакса во духот на јазикот на кој се преведува. Неслучајно на Филолошкиот факултет веќе десет години има преведувачка насока, чии кадри со време ќе придонесат за подобрување на квалитетот на преводот.

Растени сте во духот на уметноста, па уметноста си најде свои начини да биде искажана, не само преку часовите по англиски, кои се своевидни перформанси, туку и преку книжевноста. Две книги имате зад вас, а краткиот расказ го избравте како соодветен модел на искажување. Кои теми доминираат во вашите раскази, и кому ги упатувате зборовите?

– Краткиот расказ е фасцинантна литературна форма, во која на само неколку страници треба да создадете атмосфера, да го персонифицирате ликот, да имате динамика на дејствието и да имате поента. Темите во моите раскази варираат. Тие се или од моето непосредно опкружување или од светот на митовите и легендите, инспирирани од дервишките редови или од мудроста на филозофите. Ликовите и настаните се движат на замаглената граница на реалното и имагинарното, секојдневието и метафизичкото, овостраното и оностраното, и укажуваат на една друга димензија, на огнената страна на  нашето битие. Ликовите доживуваат преобразба од суптилниот допир со внатрешниот оган.

Создадени сме од светлина, која со тек на време ја губиме, при тоа губејќи ја моќта да гледаме, слушаме и разбираме.

Верувам дека сме создадени за постојано усовршување и подобрување на себеси преку преобразба. Создадени од светлина која со тек на време ја губиме, при тоа губејќи ја моќта да гледаме, слушаме и разбираме. Сметам дека мораме да се потрудиме да го сочуваме внатрешниот оган. Веројатно затоа мојата втора книга со кратки раскази, издадена во 2018 година, има наслов „Патници на светлината“.

Тешко ли е во денешно време на хиперпродукција авторот да си ги најде своите читатели? Како вие ги „наоѓате“?

– Како што учителот во духовното трагање не го бара својот ученик, туку ученикот го бара учителот, сметам дека оној кој бара и ќе најде. Се работи за внатрешна интуитивна привлечност.

Кои книги што според вас оставаат длабок впечаток ни ги препорачувате?

– „Часовничар“ од Густав Маинхрих, „Самарканд“ од Амин Маалуф, „Мудроста на песокот“, суфиски приказни од Ошо, како и ненадминливата поезија на Руми.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот