Mens sana in corpore sano

Во еден легендарен каиш-стрип на Дик Брауни, Среќниот Еди доаѓа кај Хогар дома, каде што над каминот е закачен штит со натписот „VENI, VIDI, VICI“, и го прашува: „Хогаре, а што пишува на новиов штит?“. Хогар на тоа ладно му одговора: „Во здраво тело, здрав дух“.

Само во една сликичка имаме паралела и со нашата сопствена реалност, во која пред камин ушушканиот необразуван и симпатичен варварин, на комичен начин прави спој на две максими кои досега заедно сме ги слушнале само на спортски натпревари.

Ситуацијата на македонскиот терен е поинаква. Нашиот Хогар сака да живее среќно и здраво, ама, за жaл, некој пред него Дошол, Видел, и Си земал.

Најнов пример ми е информацијата за буџетот на нашата Бадминтон федерација. Многу солиден буџет во изминативе неколку години за федерација која и не е баш позната на нашиве простори. Пријателите кои професионално се занимаваат со спорт ми велат дека 260 илјади евра и не е голема сума за клуб или репрезентација која ќе се пласира во први 10 во Европа или ќе се пласира на светско или олимпијада. Ама на четириесет и еден степен северно и дваесет и три степени источно владее некоја друга логика, а тоа не е логиката на здравиот дух.

Сите ние би биле среќни кога би спортувале на некаков начин, дали е тоа обично трчање покрај кејот или некој скап екстремен спорт, тоа е нашиот начин за контакт со природата, со сопственото јас, сеедно дали си ловец, истражувач или шаман. И би биле среќни дел од нашите даноци и приходите од игри на среќа навистина правилно да завршуваат во развој на спортот и здравиот живот во Македонија. Како мала земја и на кратки патеки може да се приклучиме кон трендот на развој на спортскиот туризам поврзан со природата, кога веќе една од основните економски развојни тенденции ни е баш туризмот. И не гледам зошто, покрај бадминтон не би финансирале некои спортови кои навистина можат да привлечат и домашни и странски спортски настроени туристи. Имаме терени и за планинари, и за маунтинбајкери, и за екстремно пеглање. Да, и екстремното пеглање е спорт со голем број приврзаници кои прават прилично екстремни глупости, главно по планини и кањони, и притоа си носат пегла, даска и алишта и пеглаат во најекстремни услови. Спорт како создаден за нас, научени од дома да преживееме чисти и средени. Или да вложиме во речен риболов, популарно наречен Флај фишинг, од кој Црна Гора годишно прави повеќе странски ноќевања од Струга годишно. А рибата се слика и се враќа во реките кои се чисти и незагадени, па се спортува понатаму со јагнешко во локалното бачило во кое може да изнајмите и велосипед. И нема мини-централи на реката.

Спортски би било и оние неброени спортски сали кои се изградија и запустија да добијат платени тренери кои бесплатно ќе работат со локалните клинци, оние истите кои во некоја идна година би нè претставувале на некое светско. И родителите би биле посреќни кога децата би се радувале, па помалку би размислувале како да си отидат во некоја друга земја, каде децата ќе им спортуваат и играат надвор од дома.

Во тој дух би предложил буџет за развој на карлинг како национален спорт. Сметам дека нас нè бива за тоа од две причини: едната е дека се игра на тенок мраз, за што ние сме експерти, а другата е дека е спорт за симпатични мрзливци, затоа што нема многу пренемагање. Е, тука лежи зајакот, затоа што оноа што е невидливо во приказната е дека прво треба да се земе еден тежок камен, па тој прецизно да се турне преку лизгав мраз, а притоа солидно да му се чисти патеката. Кај нас е исто, камења се намножија, а патеката треба да се исчисти.

Ќе бидеме и ние „Швицарска“ ако спортуваме на нивен начин. Мејби.

Но замислете ги припадниците на елитниот одред на метлачи од „Не биди ѓубре“ во тесни волнени пантoлончиња (со или без македонски мотив) и нивните бели кошули, како им зимаат мерка на таму некои Швеѓанки. Што навивање ќе падне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот