Мене Пензискиот фонд, тебе Контролата на летање!

Слушајќи како СДСМ, ДУИ и Беса лицитираат кому ќе му припадне „Контролата на летање“, а кому Управата за хидрометеоролошки работи, агенциите за лекови, за патишта или за храна, човек се запрепастува од леснотијата со која лидерите се расфрлаат со функциите.

Не му изгледа логично ниту корисно на граѓанинот кога го гледа пазарот што го прави власта додека си ги дели директорските места во државните агенции и претпријатијата, како да се јаболка и круши, а не сериозни државни институции од чија стручност, објективност и професионалност зависи речиси сѐ. Уште помалку му изгледа корисно тоа што во стручни институции „ќе палат и гасат“ избраници на партиските лидери, а не експерти со искуство и интегритет.

Слушајќи како СДСМ, ДУИ и Беса лицитираат кому ќе му припадне „Контролата на летање“, а кому Управата за хидрометеоролошки работи, агенциите за лекови, за патишта или за храна, човек се запрепастува од леснотијата со која лидерите се расфрлаат со функциите. Изгледа како препуштено на случајот, на стихијата „дај што ќе дадеш“, кога се слуша како заменик-претседател на некоја партија за себе го сака или Фондот за пензиско осигурување или Македонската пошта или, ако не тие, тогаш Агенцијата за храна или ветеринарство?! Или кога лица од ДУИ, кои како нужно зло влегоа во власта, наместо во заслужената опозиција, ќе се топорат, ни помалку ни повеќе, туку на директорските места во МЕПСО, АЕК или на М-НАВ.

Зошто тогаш постои строгиот Закон за државни службеници? Само за обичните луѓе? Точно е дека Владата има законско право да именува функционери и дека дел од нив ги изгласува и Собранието, ама тоа законско право на именување низ годините е сведено на перверзно надмудрување на коалициските партнери наместо на натпревар во пронаоѓање стручни и професионални кадри. За функционерите законите се месат како пластелин, па фигуративно, ветеринари раководат со технички инспекторати, само затоа што лидерот натаму притиснал или се менуваат правилници за некој што не е правник да може да шефува на место каде што се бара исклучиво правник.

Законот наметнува дека слободните работни места во државната служба се пополнуваат со оглас, преземање или распоредување, а вработувањето се врши низ транспарентна постапка со строги критериуми за стручност и компетентност. Соодветното образование и искуство се задолжителни, а постапката подразбира селекција пред комисија, испит за државен службеник и интервју. Во одредени постапки се спроведува и психолошки тест, со кој се проверуваат социјалните особини и аспектите на интегритетот на личноста какви што се совесност, одговорност и способност за почитување правила. Државните службеници потпишуваат заклетва дека ќе ги почитуваат Уставот и законите и дека ќе работат совесно, а во одредени услови се должни шест месеци до една година да бидат на пробна работа! А директорот? Тој само треба да е верен на партијата и симпатичен на лидерот.

Законот оди и чекор понатаму, па наметнува и дека државните службеници се должни да работат непристрасно, без влијанија на политичките партии, да не се раководат од своите политички уверувања и од личните финансиски интереси и да не ги злоупотребуваат овластувањата.

Дали ќе бидат такви и именуваните функционери или на премиерот Зоран Заев наскоро повторно ќе му даваат метла? Што гарантира дека ќе бидат непристрасни и непартиски кога не се именувани по натпревар за компетентност, туку врз основа на суров партиски пазар, каде што најлакомо прво се разграбуваат позициите со највисоки плати и привилегии? Баш ништо, освен зборот на Заев дека со доблесниот Ахмети во следните четири години ќе работат посветено во интерес на граѓаните и државата и дека ќе постават квалитетни, одговорни и отчетни функционери чии привилегии ќе бидат намалени.

Тоа му е ветено на граѓанинот, кој, пак, очекува конечно некој и него добро да го загледа и да му помогне. Во спротивно ќе биде – метла или гласање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот