Мелита „Мата Хари“ Видеман и атентатот во Марсеј (5)

Поврзаноста на Ванчо Михајлов со атентатот во Марсеј / Колаж: Слободен печат - Иван Самарџиев

Гебелс го препознал „новинарското мајсторство“ на Мелита Видеман и ја опишал како „единствениот способен човек во уредничкиот тим на весникот“, но подоцна ја ревидирал својата позитивна оценка за неа.

Мелита Видеман е родена во Санкт Петербург, Русија, на 2 април 1900 година, како ќерка на германски родители, а починала на 13 септември 1980, во Минхен, Германија. По професија била новинар и публицист. Нејзиниот татко бил адвокат и директор на банка и квалификуван ориенталист. Таа пораснала во Петербург, а подоцна живеела и во Техеран. Во манастирското училиште „Света Нина“ во Баку завршила средно училиште во 1917 година. Во 1921/22 година побегнала во Берлин и започнала да студира економија. Работела како уредник за разни списанија и објавила неколку книги за женски и младински прашања.

Околу 1928 година се приклучила на уредничкиот тим на национал-социјалистичкиот весник „Напад“, за кого работела до почетокот на 1931 година, првично како секретар, а од 1929 година како уредник. Во 1930 година станала член на НСДАП. Како уредник на весникот тесно соработувала околу прашања за печатот со Joзеф Гебелс. Гебелс го препознал „новинарското мајсторство“ на Мелита Видеман и ја опишал како „единствениот способен човек во уредничкиот тим на весникот“, но подоцна ја ревидирал својата позитивна оценка за неа. Имено, Гебелс станал недоверлив кон неа, бидејќи мислел дека е блиска со берлинскиот командант на паравооружените формации Валтер Стенес. Во март 1931 година, Гебелс во својот дневник напишал дека таа била „злобниот дух“ на уредничкиот тим и изјавил: „Жената секогаш ќе ја злоупотребува моќта“.

Затоа била отстранета од редакцијата на нацистичкиот весник во пресрет на бунтот на „Јуришните одреди“ (Штурмабтајлунг – Sturmabteilung SA), нацистичките борбени трупи познати по „кафеавитe кошули“, во 1931 година. Тој бунт во рамките на Нацистичката партија бил организиран од берлинскиот командант на овие паравооружени формации, Валтер Стенес (1895 – 1983), а произлегол од внатрешните тензии и конфликти во Нацистичката партија, особено меѓу партиската организација во Минхен и Адолф Хитлер, од една страна, и СА и нејзиното раководство од друга страна. Но, приказната за Мелита Видеман не завршува тука…

Според сопствена изјава од Мелита Видеман, таа ја напуштила Нацистичката партија во 1931 година. Фактички, таа била привремено исклучена од нацистичката организација заради обвинувања за борба „против лидерот на партијата“. Од јуни 1935 година до мај 1936 година, таа била уредник на неделниот весник „Евангелие во Третиот Рајх“, орган на „Германските христијани“ и од 1935 година уредник на неделниот весник „Позитивно христијанство“ (Positives Christentum), борбен и водачки лист на германските христијани.

За време на Втората светска војна, Мелита Видеман одржувала блиски контакти со водечките СС-функционери, вклучувајќи ги Хајнрих Химлер и Рајнхард Хајдрих. Работела со министерство за народна просвета и пропаганда на Рајхот. Од април 1936 година до август 1939 година била главен уредник на списанието „Контра-Коминтерна“, основано од Еберхард Тауберт, кое се сметало за „борбен орган на антиболшевичкото светско движење“, каде се објавувале статии во соработка со „Институтот за истражување за еврејското прашање“.

Наместо истребување – колонизација

Во август 1939 година, Мелита Видеман била новинар во списанието „Акција“ (Die Aktion) – весник за борба против плутократијата и народниот предизвик (а, по 1941 година, со поднаслов „Борбен лист за нова Европа“), а од септември 1939 до 1944 година била главен уредник на ова списание, кое било особено забележливо по бесниот антикомунизам и антисемитизам. И покрај расистичките ставови што ги претставувало списанието, како што бил ставот за нагласување на високата вредност на германската крв, таа се спротивставила на класифицирањето на жителите на Русија како „подлуѓе“ и тоа му го пишувала на Хајнрих Химлер. Дури, се обидела да упати на храброста и борбената сила на војниците на Црвената армија во војната. Наместо тоа, таа се изјаснила за помагање на војската на генералот Власов и за солидарност со народите на Советскиот Сојуз против „болшевизмот“. Инаку, колку за појаснување, треба да се каже дека се работи за Андреј Андрејевич Власов (14 септември 1901 – 1 август 1946) кој бил советски квислинг, односно генерал-лајтнант, кој откако бил заробен, соработувал со нацистите и бил водач на т.н. Руската ослободителна армија, која била воена колаборационистичка организација составена од регрутирани воени заробеници и руски белогардејски емигранти.

Во писмото до Хајнрих Химлер од 26 мај 1943 година, Мелита Видеман се залагала за суштинска промена во германската политика кон народите на источните територии окупирани од Германија: наместо систематско сузбивање и уништување, германскиот Рајх требало да се потруди на окупираните територии да бара сојузници. Наместо да се губат животите на германските војници во борбата против народите од Советскиот Сојуз,  Видеман, повикувајќи се на британската колонијална политика, советувала тие да бидат придобиени како сојузници. Имено, таа му укажувала на Химлер дека Британците не се бореле против народите во нивните колонии, туку дека ги манипулирале како „сојузници“ да се борат за британските воено-економски цели. Резултатот од ваквата „умна“ британска политика беше намалување на своите загуби во војните што ги водеа на минимум и контрола на огромното пространство под власт на британската круна со најмало воено-административно ангажирање.

Недоверба кај надредените

И Германија, според Видеман, требало да го стори истото што и Британците. Наместо огромните „загуби крв“ што ги претрпел германскиот народ во дотогашниот тек на војната, требало да се привлечат победените народи во поддршка на политичко-административната управа составена од сопствените редови, но со обезбедено германско раководство и германска доминација. „Понатамошна мешавина од раси“ би била спречена со воспоставување на расно чисти „национални културни автономии“. Во текот на организацијата на овие автономни народи, германскиот јазик, секако, морало да се воспостави како јазик за комуникација за сите овие народи со цел да се обедини расната селекција во вистинско политички единство.

Сите овие „идејни скршнувања“ на Мелита Видеман предизвикувале недоверба и незадоволство кај дел од највисокото раководството на СС. Така, високиот СС-офицер Аугуст Мејне, дел од најблискиот персонал на Хајнрих Химлер, ја класификувал Видеман како личност несоодветна да се меша во политички прашања. Во ноември 1944 година, таа дури била уапсена на неколку дена од Гестапо поради несоодветно мешање во германските државни политики и сомневање за подготовка на саботажи. Аугуст Мејне ги повикал сите водачи на СС, за кои знаел дека имаат контакт со Видеман да ги прекинат односите со неа. Сепак, по краток престој во затвор, таа била ослободена со посредство на своите влијателни политички СС пријатели.

Во јули 1945 година, Мелита Видеман побегнала од Берлин во Минхен пред советската Црвена армија и таму била „задржана“ како затвореник од американските воени власти. По Втората светска војна, продолжила да работи како публицист и преведувач. Од 1948 година работела за „Минхенската издавачка катедрала“. Од 1955 до 1965 година работела како секретарка во „Задругата на членови на германска сцена“ (Genossenschaft Deutscher Bühnen-Angehöriger, GDBA), а пишувала и во месечните списанија на Задругата.

(Продолжува)

Прочитајте:

Прв дел: ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)
Втор дел: Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)
Трет дел: Организирање на атентатот во Марсеј (3)
Четврти дел: Атентатот во Марсеј и германските нацистички тајни служби (4)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот