Мелено месо, сладолед, јајца… Внимавајте ова лето од труење со храна

Фото: Профимедиа

Лекарите предупредуваат дека труењето со храна се појавува во рок од 1 до 36 часа по консумирањето контаминирана храна, а се манифестира со појава на еден или повеќе од следните симптоми: гадење, повраќање, болки во стомакот, дијареја (пролив), главоболка и општа слабост.

Симптомите обично траат од еден до седум дена.

Труењето со храна може да го предизвикаат:

– бактерии или нивните токсини што се наоѓаат во храната поради неправилно подготвување и чување на намирниците,
– вируси,
– хемикалии како што се инсектициди и хербициди,
– метали како што се олово, жива и кадмиум,
– отровни растенија какви што се печурките што не се јадат,
– други загадувачи какви што се микотоксини, остатоци од ветеринарни лекови итн.

Норовирус

Денес најчести труења со храна се поради контаминација со норовирус, потоа со бактериите, меѓу кои се истакнува салмонелата како најчеста бактериска причина за труење со храна.

Норовирусот е многу заразен вирус што се шири кога луѓето јадат храна или пијат вода загадена со патогенот. Ова се случува ако храната или водата се обработуваат со вода загадена со норовирусот (на поле, дома, во ресторан итн.) или ако храната и водата дојдат во контакт со траги од секрет на рацете на заразени или незаразени лица што можат да го содржат вирусот.

Како и кај сите труења со храна, знаците и симптомите вклучуваат гадење, повраќање, грчеви во стомакот и дијареја. По правило, закрепнувањето е брзо (1-2 дена), а главните проблеми се можна дехидратација – особено кај мошне мали деца, постари и имунокомпромитирани пациенти – и можното асимптоматско ширење на вирусот по закрепнувањето.

Салмонела

Што се однесува до салмонелата, јадењата што се особено ризични за развој на салмонелоза се јајцата и колачите направени од сурови јајца (кремпити, принцес крофни итн.); потоа мелено месо, најчесто во сос; мајонез и јадења во кои се додава мајонез (француска и руска салата и сл.); тартар сос; панирани, панувани стекови (недоволно печени) и јајца воопшто, при што салмонелата може да биде присутна од надворешната страна на лушпата, па може да влезе во самите јајца или во јадењето со јајца.

Салмонела може да се внесе и со неизмиени раце на лице што ја излачува (болно лице или асимптоматски носител на микроб) и работи со храна. И повеќето други бактериски труења со храна се случуваат на ист начин, односно со умножување на причинителот во намирниците или јадењата, со стоење на храната надвор од фрижидер неколку часови на собна температура.

Стафилокока

Staphylococcus aureus често се наоѓа на отворени ранички на кожата или во слузницата на носот на луѓето што ја подготвуваат храната. Кога стафилококата влегува во храната, создава отров отпорен на температура, кој не може да се уништи со последователна термичка обработка и, и покрај готвењето, доведува до заболување. Труењето често се појавува при јадењето сладолед.

Анаеробните бактерии, какви што се Clostridium perfringens и Clostridium botulinum, се размножуваат без присуство на воздух, а до намирниците доаѓаат од нечистотијата во почвата во форма на многу отпорни спори. Ако намирниците не се измијат пред готвење (на пример, грав), при подготовка на големи количини може да дојде до активирање на т.н. спори што преживуваат готвењето (до 100 Целзиусови степени) и при постепено ладење без присуство на воздух се размножуваат и предизвикуваат болест со пролив. Основен проблем е недоволното варење и бавното ладење на јадењето.

Листерија

Никако не смее да се употребува содржината на надуените конзерви!

Некои бактерии, како што е Listeria m. и Yersinia ent., се размножуваат дури и на температура во фрижидер. Листеријата може да предизвика сериозни болести, за среќа кај помал број луѓе со ослабен имунитет (на пример, постари лица), додека труењето со јерсинија е ретко и најмногу ги погодува децата. Јадења во кои може да се очекува и листерија и јерсинија се млекото и месото, особено пилешкото. Секако, правилната термичка обработка ги уништува (гответе или печете на минимум 78 степени).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот