Меки и тактилни дела ќе бидат изложени во КСП „Центар-Јадро“

Заедничката изложба со наслов „Пикторијализам“ на Јана Луловска и Сашо Алушевски, која на 16 мај ќе биде отворена во галеријата на КСП „Центар-Јадро“, содржи триесетина фотографии. Основните карактеристики на изложбата ги согледува историчарот на уметност, д-р Кирил Пенушлиски.

– Следејќи ги начелата на пикторијализмот (историски уметничко-фотографски стил во кој фотографот ја „манипулира“ фотографијата за да создаде уметничко дело) изложените дела се „меки“ и „тактилни“. Изработени во една од постарите и денес ретко употребувани техники, цијанотипија, заедничко за фотографиите на двајцата автори е основната желба нивните дела да ја разбудат имагинацијата на гледачот и да ја прикажат убавината на природата, која човекот сѐ повеќе ја занемарува. Емотивното, сугестивното и монохромниот третман на избраниот мотив се сеприсутни, а со изложените дела, Луловска и Алушевски јасно ни покажуваат дека фотографскиот апарат и фотограмскиот колаж се исто толку моќни алатки колку што е и сликарската четкичка, а воедно и дека цијанотипијата и фотограмијата се уметнички техники што можат да ја инспирираат нашата фантазија – напиша Пенушлиски во текстот за каталогот на изложбата.

Јана Луловска е мултимедијален уметник. Завршила додипломски студии на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, со специјализација на уметничка и применета фотографија. Во својата работа Луловска се фокусира на темите феминизам, екологија и природа, слободно изразување/граѓанско општество, психологија, емоционалност, перцепција, свесност, култура, филозофија, наука.

Сашо Алушевски живее во Скопје, Македонија. Го интересираат формите на експресија. Тотален меланхолик. Или сангвиник? Зависи во каков момент ќе го фатите. Понекогаш фотографира. Во длабока врска е со темната уметност – колодиумската фотографија. Учествувал на над 80 групни изложби во светот и имал девет самостојни поставки. Нивната заедничка изложба е финансиски поддржанa од Министерството за култура и Град Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот