Меки и миризливи: Солени или благи кроасани, изборот е ваш

Кроасани / Фото: Pexels

Речиси и не постои човек што не сака кроасани, или некој друг вид кифлички, чиј вкус и мирис нѐ потсетуваат на детството. Но, бидејќи правењето на самото тесто е малку покомплицирано, многумина од нас кроасаните ги купуваат во пекарница.

За оние што не знаат, кифлата е гастрономски „предок“ на кроасанот и била позната во Австрија уште во 13 век. Во Париз, првите кроасани се продавале меѓу 1837 и 1839 година, кога Австријците Август Цанг и Ернест Шварцер ја отвориле виенската пекарница. Нивните верзии на кифла (во форма на полумесечина) бргу инспирирале голем број имитатори и кроасанот се појавил како стандардно печиво во 1850 година. Сепак, историчарите на гастрономијата и на француската кујна констатираат дека сегашниот рецепт за кроасан станал француски кулинарски симбол дури во 20 век.

Овој пат ве охрабруваме да се обидете да приготвите домашни кроасани, совршени за појадок или ужина.

Кроасани / Фото: Pexels

Потребни состојки:

  • 500 г меко брашно
  • 1 пакување сув квасец
  • 1 лажица сол
  • 1 лажица шеќер
  • 200 мл топло млеко
  • 80 мл масло
  • 100 г павлака на собна температура
  • 150 г замрзнат путер
  • жолчка за премачкување

Подготовка:

Ставете ги брашното, солта и шеќерот во длабок сад и убаво измешајте. Потоа, додајте ги топлото млеко, маслото и павлаката. Измешајте ги сите состојки и месете го тестото најмалку 10 минути. Покријте го добиеното тесто со проѕирна фолија и оставете го да отстои најмалку 45 минути.

Расукајте го тестото на дебелина од 2 сантиметри. Преку тестото изрендајте го претходно замрзнатиот путер и свиткајте го тестото во ролат. Расукајте го добиениот ролат во форма на долг правоаголник. Исечете го тестото во форма на триаголничиња и од секое триаголниче направете ја стандардната форма за кифла, односно кроасан. Наредете ги кроасаните на хартија за печење и премачкајте ги со изматената жолчка.

Ставете ги кроасаните во ладна рерна и вклучете ја на 200 степени. Кога температурата ќе достигне 200 степени, печете уште 10 минути.

Ако имате желба, можете да ги наполните кроасаните со благ фил или со солен фил. Филот можете да го ставите пред или по печењето на кроасаните. Ако сакате благ фил, можете да додадете едно пакување ванилин шеќер во тестото.

Но, ако сте од оние што претпочитаат солени кроасани, посипете ги со крупна сол пред печењето, а кога ќе се испечат, направете си сендвичи со шунка, кашкавал и сл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот