Мејведер инспириран и повторно сака да биде меѓу најдобрите (ВИДЕО)
Непоразениот Флојд на Инстаграм вели пандемијата „му ги отвори очите“ и воедно објави снимка од тренинг со 14-годишниот внук Крис.
Флојд Мејведер во својата кариера триумфираше на сите 50 борби и така стана еден од најдобрите боксери на сите времиња, како и еден од најбогатите спортисти на светот, а сега има намера да биде и еден од најдобрите тренери.
Инспирација му е вујкото Роџер Мејведер, и самиот поранешен боксерски шампион, кој беше долгогодишен тренер на Флојд, а на 17 март на 58-годишна возраст почина после долга и тешка болест.
– Секогаш имав неверојатни тренери, помеѓу кои мојот татко и мојот вујко – напиша во петокот, Флојд Мејведер на Инстаграм со снимка од првиот тренинг со 14-годишниот внук Крис.
– Неодамнешната смрт на мојот вујко Роџер ме инспирираше да им помогнам на оние околу себе исто како што тој беше покрај мене низ целата боксерска кариера – вели 43-годишниот Флојд и додаде дека пандемијата на коронавирусот „му ги отвори очите“ и ја сфати важноста на заедништвото и помагањето на другите.
– Вистински тренер сака да го извлече најдоброто од своите борци и ги турка до нивните граници. Нов сум во помагањето на другите во тренинзите, бидејќи секогаш бев на другата страна. Досега работев само со луѓе без боксерско искуство, растеме заедно, но ветувам дека ќе биде еден од најдобрите тренери на светот. Инспирирај и биди инспириран – се зборовите на Мејведер.