Меѓународниот фестивал на кратoк филм „Филмај“ ги објави добитниците на наградите

Фото-кино клуб „Козјак“ – Куманово на 3 мај ги објави добитниците на наградите од конкурсот за Третиот меѓународен фестивал на кратoк филм „Филмај 2021“. Тричленото жири во состав: Лидија Мојсовска (режисер/ сценарист), Наум Доксевски (кинематографер) и Дејан Ангеловски (фотограф) ги донесе одлуките за четирите награди.

Наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија е доделена на Азадех Мусави за филмот „Посета/The Visit“ (Иран); награда „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/ кинематографија оди кај Питер-Јан Клесенс за неговата работа на филмот „Da Yie“ (Гана); награда „Козјак“ за најдобро сценарио освоија Али Асгари и Фарнуш Самади за филмот „Сведок/Witness“ (Иран); и наградата за најдобар домашен (македонски) филм ја доби „Неонски срца“ во режија на Ана Јакимска.

Со оглед на моменталните безбедносни и здравствени услови, фестивалската вечер (првично замислена да се случи при крајот на мај) е планирана да се одржи во септември 2021. Оваа одлука е заснована на искрената желба и страст на организаторот да овозможи целосно кино и фестивалско искуство – со многубројна публика присутна во проекционата сала.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Видео на денот