Меѓународна организација на трудот: Пандемијата ги намали приходите за 3.500 милијарди долари

Фото: МИА

Приходите од труд во време на пандемијата во првите девет месеци од оваа година се намалени за 10,7 проценти на светско ниво или 3.500 милијарди долари, се вели во најновиот извештај на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Износот не вклучува субвенции за плати со кои владите ги компензираат работниците за загубите поради стопирањето на деловните активности за време на пандемијата и одговара на 5,5 проценти од глобалниот бруто домашен производ (БДП) во периодот од јануари до септември 2019 година, соопшти МОТ.

– Затворањето на бизнисите продолжува да ја нарушува состојбата на светските пазари на труд, што резултира со поголема загуба на работното време, отколку што првично се проценуваше”, стои во шестото издание на извештајот на МОТ за ефектите од пандемијата врз трудот.

Работниците во економиите во развој, особено оние кои се вработени на црно, се погодени многу потешко отколку во претходните кризи, соопшти агенцијата на ОН. Тие додаваат дека бројот на вработени жени бележи поголем пад одошто кај мажите.

– Мора да ги удвоиме напорите за борба против вирусот, но, исто така, да преземеме итни и одлучни активности за надминување на економските, на социјалните и на последиците од вработувањето што ги предизвика”, рече директорот на МОТ, Гај Рајдер и дополни дека тоа вклучува натамошни грантови за работни места, за бизниси и за приход.

Само во вториот квартал се загубени 17,3 проценти од работните часови, што е еквивалентно на 495 милиони работни места со полно работно време, пресметале во МОТ. Во претходниот извештај, тие проценуваа дека се изгубени 14 проценти од работните часови или 400 милиони работни места.

Тие очекуваат 12,1 проценти загубени работни часови во третиот квартал, што е еквивалентно на 345 милиони работни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот