Меѓународна изложба „Flux Identity“ во Чифте амам

На 10 февруари 2021 г., во објектот Чифте амам, Националната галерија официјално ја започна програмата за тековната година со меѓународен проект наслов „Flux Identity“.

На отворањето на изложбата, д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија, им се заблагодари на Канадската амбасада и на невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија, со чија соработка се реализира оваа изложба. Особена благодарност изрази кон Анета Пешева, почесен конзул на Канада. Истакна дека соработката со Амбасадата е долгогодишна и особено задоволство претставува секој нареден проект на културното вмрежување на двете земји. За идентитетот низ призмата на уметнички контекст на претставување „говорат“ уметници по потекло од блиските земји од регионот и други европски земји, како Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Шпанија и Велика Британија, а кои живеат и творат во Канада. Комплексноста и уметничкото вмрежување е остварено со претставници од домашната уметничка сцена. На изложбата „Flux Identity“ динамичен дијалог со разновидноста на идентитетот водат уметниците: Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перуновиќ, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.

Олгица Маринковиќ, одговорно лице за односи со јавност на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, на отворањето изрази голема благодарност до Националната галерија за долгогодишната успешна соработка, и го сподели воодушевувањето за прекрасниот простор во кој е поставена инсталацијата на проектот.

Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата. Авторот на проектот и куратор, Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, говореше за идентитетот разбран во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, зашто денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен туку постојано е во процес на промена и трансформација. Сподели дека овој проект веќе е реализиран во Србија, во моментов се претставува пред македонската публика, а наредна дестинација според програмата ќе биде Црна Гора. Таа им се заблагодари на сите што зедоа учество во реализацијата на изложбата.

Отворањето на изложбата имаше голема посетеност, се одвиваше со примена на протоколите за заштита на јавното здравје и дистанца. Ќе биде поставена во Чифте амам до 26 февруари 2021.

За јавноста би сакале накратко да се осврнеме на претставувањето на канадските уметници во нашата институција и соработката со Канадската амбасада.

На 10 март 2020 г. се одбележаа Деновите на франкофонијата во соработка со Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора во Националната галерија, во објектот Чифе амам. На публиката ѝ беше претставен Ги Ланжевин, уметник и графичар од светски калибар. Беа изложени графики од неговиот серијал под наслов „Паднати ангели“.

Канадската амбасада на 30 март 2016 г., во Националната галерија на Македонија, повторно во објектот Чифте амам, пред македонската публика претстави уште една графичарка, Жо Ан Ланвил, со изложбата под наслов „Природа на универзумот“. Беше презентиран дел од творечкиот опус на истакнатата канадска уметница која е мошне активен графичар, коосновач на Ателјето „Прес папjе“ и на Интернационалното биенале  за современа графика „Троа-Ривјер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот