Меѓународен сојуз на будали

Фото: Слободен печат

Не така одамна, пред некои две години, Боки Тредичи беше најпосакуваната личност во Македонија за интервју, за селфи, за соработка.

Инфлуенсерите на социјалните мрежи го опеваа неговиот лик и дело, потенцирајќи ја неговата хуманитарност, политичарите му ветуваа институционална поддршка за неговиот „Меѓународен сојуз“, а новинарските бардови застанаа на ред за вработување во телевизијата 1 ТВ, каде тој беше „неформален“ сопственик.

Во една невидено агресивна медиумска кампања беа испрани сите гомна од гаќите на Боки, видени по реалните шоуа по српските телевизии, дружењето со вдовицата на Аркан, Светлана Ражнатовиќ – Цеца, како и „љубовното“ препукување со Џеј Раманадовски, кој јавно порача дека би ја натртил македонската „плавуша“, алудирајќи на во тоа време буцмастиот и палав Боки 13.

Трансформацијата на Боки од фукара во елита ако не се лажам започна со некакви информации објавени во медиумите, дека тој е личен пријател со Донатела Версаче, која била воодушевена од неговата хуманитарна работа.

Потоа следуваше и неговото крунисување на челната позиција на хуманитарната организација „Меѓународен сојуз“, која денеска гледаме не е хуманитарна, ниту меѓународна, ниту пак претставува некако сојуз. Точно е дека е организација, но од типот на „Коза ностра“ или „Земунски клан“, па треба да очекуваме во едно од идните обвиненија поднесено против члeновите на организацијата, да стои и крвичното дело – злосторничко здружување.

Пред две години апсолутно сите медиуми ја објавија веста за тоа дека Боки е новиот претседател на „Меѓународниот сојуз“, без никој да спомне кој бил претходниот претседател, ако воопшто имало таков и дали е тоа некава афилација и експозитура на многу поголема меѓународна организација, како што самото име тоа го претпоставува. Испадна дека „Меѓународен сојуз“ е локална збирштина на матни ликови од естрадата, политиката и подземјето, а под плаштот на хуманитарната работа таму се одвивале голем број на незаконски дејности.

Апсолутната власт на Тредичи почна да се чувствува со покренувањето на неговата телевизија. Тогаш на сите им стана јасно дека оној дебелиот Боки од времето, повеќе не е само смешен, туку е смешен и опасен. Дека тој може да нарачува негативни кампањи против поединци и правни лица, а доколку некој не се согласува со неговата хм, хуманитарност, тогаш нека очекува валкани удари од сите страни.

Читам последниве денови како многумина сметаат дека аферата „рекет“ е напад врз евро-атланската иднина на Македонија. Дека странски сили, во спрега со домашни предавници работат на уништување на институциите, со цел да се спречи членство на земјава во НАТО и ЕУ. Доколку мислат на Боки и неговото рекетирање, тогаш земјата што не може да го издржи глупирањето на Тредичи, можеби е подобро и да не постои. А доколку нашите големи мозоци алудираат на тоа дека „мрачните“ сили ја обелодениле рекетарската афера за да ѝ наштетат на Македонија, тогаш сите тие веднаш треба да се преселат во Будимпешта, кај човекот што ја смисли таа реторика, уште на времето кога во нашиот етер пукнаа првите медиумски „бомби“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот