Шимпанзото Коко го препозна негувателот кој го чуваше од бебе (ГАЛЕРИЈА)

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Шимпанзото Коко заедно со уште три шипанза Мими, Роси и Хјасл, со кои се ресоцијализираше во Холандија, повторно е во Зоолошката градина во Скопје.

Меѓу првите кои го пречека Коко беше Драган Трајковски, негователот кој го израснал Коко и бил со него во неговите најтешки денови. И, како во филмовите, по 10 години, Коко го познал човекот кој со голема љубов го чувал во скопската Зоолошка градина, по што следувале прегратки и бакнежи, настан кој предизвикал воодушевување, и разбудил многу емоции и кај останатите вработени. На оваа емотивна слика, емотивно реагирале дури и ЗОО негувателите од Холандија, кои велат дека и покрај нивното долгогодишно искуство и работа со животни, ги изненадила меморијата на Коко и радоста со која го пречекал човекот кој го израснал.

Изминатите десет години Коко престојуваше во Холандија на ресоцијализација откако остана сам во Зоолошката градина во Скопје, по барање на ЗОО негуватели и новинари. Мими, која е родена 1962 имала тежок живот, во циркусот во кој била принудена да настапува, а Росо и Хјасл биле грабнати од Африка и однесени во Австрија за лабараториски испитувања. Сега сите се на безбедно и пријатно место, помеѓу љубители на животни.

Нивното ново живеалиште изградено е по светски стандарди, има голем внатрешен и надворешен дел, збогатено со голем број реквизити. Шимпанзата ќе бидат во карантин уште 20 дена, а дури потоа посетителите на зоолошката ќе можат да уживаат во нивно друштво.

За нив ќе се грижат ЗОО негуватели кои, како што информираше директорот на Зоолошката градина Скопје Ѓорѓи Галетановски, биле на 15-дневна обука во Холандија, а ќе бидат дообучени и во наредниот десетдневен период, односно додека се во Скопје негувателите од Холандија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот