Меѓу одговорноста, концентрацијата на моќта и амнестијата на криминалот

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Секоја тешка закана за демократијата и за човековите права и слободи, ударите врз демократските институции и врз мирот и стабилноста во земјата, сѐ што според Уставот и законите претпоставува сериозни санкции, се решава на – лидерска средба. Тајни или јавни, на бензински пумпи, во кабинетот на претседателот, во Владата, во амбасадорски резиденции, на непознати локации…

Македонската политичка култура е исполнета со интересни феномени кои не секогаш се среќаваат во земјите со развиена демократија. Еден од македонските политички специјалитети, освен честите предвремени парламентарни избори, е културата на лидерските средби.

Навикнавме, веќе децении наназад, лидерските средби да бидат онаа „институција“ во која се решаваат суштинските проблеми во нашата земја. А проблемите не се малку на број. Имавме лидерски средби и во 2001 година, кога требаше да се надмине воениот пожар во нашата земја. Лидерски средби имавме и кога беше актуелна територијалната поделба. За да се надминат многу сериозни и тешки кризни политички состојби, повторно – лидерски средби.

Така, лидерските средби имаше и по Црниот понеделник, 24 декември 2012 година кога специјалната полиција ги тепаше опозициските пратеници и новинарите во Собранието. Кризата во 2015 година се надминуваше, повторно, преку лидерски средби и преговори меѓу партиите во таканаречениот Пржински процес.

Да се разбереме, во нашата земја се одржуваат лидерски средби кои имаат многу посериозни последици односно резултати и ефекти, отколку што има, да речеме, едно Собрание! Највисоката законодавна институција во државата не може да се пофали со ефекти какви што имаат лидерските средби – констатација што е можеби претерана, но не и далеку од вистината.

Лидерските средби станаа релативно редовни по падот на режимот, особено кога се работи за прашања поврзани со изборите, со реформите во правосудството… Лидерски средби, претежно неуспешни, се одржуваа во текот на процесот на донесување на Законот за Јавно обвинителство, кога ја видовме сета моќ, но и сета нерегуларност на „институцијата“ лидерски средби кои се претежно насочени кон „омекнување“ на криминалните структури, регистрирани како политички партии.

Кога, во октомври минатата година, лидерот на СДСМ повика на брзи парламентарни избори два месеца подоцна, но тој повик пропадна, токму поради лидерската средба што уследи. На лидерската средба се донесе одлука спротивна на логиката на тоа што подразбира поимот брзи избори. И лидерска средба се организира кога треба да се одреди датум за изборите кои дополнително ги одложи пандемијата.

Се работи за една култура на собирање на неколкумина најмоќни политичари кои одлучуваат за нешта што би требало да бидат дел од процес, општествен и политички, да се одвива во Собранието, во јавноста, во експертските кругови… Тоа е практика на донесување одлуки од кои потоа сите трпат последици, а најмногу демократијата, без оглед на тоа дали исходот од таквите средби е позитивен или негативен. Тоа што би требало да го работи Собранието, пак, останува на маргините на општественото и политичкото живеење.

Дали културата на лидерски средби, всушност, е политичка култура, култура на дијалог и консензус? Без сомнение, да. Политичкиот дијалог во секоја демократска земја е многу важен процес, неодминлив! Меѓутоа, ако сѐ се сведе на лидерски средби, за да може, ете, да се слушне гласот на опозицијата, кога се прави во таков формат, со многу ограничен број на луѓе кај кои се концентрира огромна моќ на одлучување, демократската алатка се претвора во оружје против демократијата. Во такви услови, една неодговорна опозиција може да налага темпо на процесот и да води кон одлуки и процеси што се надвор од институциите, а одговорноста ја преземаат оние што ги раководат институциите, односно оние што се на власт.

Ваквата практика е можеби потребна за држава што не е стабилна, каде што демократијата е на многу ниско ниво. Меѓутоа, за држава која е демократска и се наоѓа на брзата патека кон Европската Унија, ова не би требало да биде така. Лидерските средби би можеле да бидат на одредени општи нивоа, за одредени општи стратегиски определби, да се разговара за прашања кои не се суштински, бидејќи тие се работа на институциите.

На лидерските средби, на крајот, победници се оние што се во опозиција. Без оглед на тоа што се смета дека одговорноста за одлуките е споделена, сепак, одговорноста е кај оние што ги раководат институциите на државата. Затоа, вреди да се размисли, дали ќе се продолжи со развој на културата на лидерски средби или треба да се развива политичката култура, во која на прво место е владеењето на правото. Бидејќи, од ваквата практика, најголема полза имаат најдеструктивните политичари, а штета трпат оние што се одговорни кон стратешките интереси на државата. Да не говориме за концентрацијата на моќ што е својствена за ваквиот начин на одлучување за важни прашања во државата.

Да заклучиме… Секоја тешка закана за демократијата и за човековите права и слободи, ударите врз демократските институции и врз мирот и стабилноста во земјата, сѐ што според Уставот и законите претпоставува сериозни санкции, се решава на – лидерска средба. Тајни или јавни, на бензински пумпи, во кабинетот на претседателот, во Владата, во амбасадорски резиденции, на непознати локации… Но, секогаш со ограничено присуство на јавноста, а никако со учество на некој што не е доволно „голем“.

Затоа, мораме да го прифатиме фактот дека не ѝ служат на демократијата и владеењето на правото… Лидерските средби се бајпасирање на системот, а често се и начин на кој неформално се амнестираат политичките партии и нивните криминални структури за деструкцијата и криминалот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот