Меѓу неодлучноста и вербата во себе

Мухамед Халили, Фото: Архива

Д-р Филипче е на висина на неговите задачи со неговата крајна одговорност, педантност и способност во вршењето на неговите работи. Но, тој и сите лекари кои се наоѓаат на должност, бара и ние граѓаните, потенцијални идни жртви на вирусот, да му помогнеме: да ги почитуваме мерките на СЗО, да останеме дома, да си помогнеме себеси, на нашите семејства и да покажеме доза на хуманизам кон немоќните, сиромашните.

Кога во декември минатата година се појави веста дека во еден „мал“ кинески град од 12 милиони жители Вухан се појави еден непознат вид на грип, никој не помислуваше дека еден ден целата светска популација ќе стане жртва на еден непознат и невидлив вирус кој брзо се шири од човек до човек. Брзината на ширењето на непознатиот вирус низ цела Кина и излегувањето на сцена на д-р Ли Венлиангеден млад 34 годишен кинески доктор (неколку дена по појавата на новиот вирус), кој на социјалните мрежи се обиде да ги убедува своите колеги дека оваа појава на болест премногу личи на сарс, веста ми асоцираше на напорите на д-р Бернар Рие од романот „Чума“ на Албер Ками, претставникот на апсурдот во книжевноста .

За жал, двајцата доктори веќе не се живи. Првиот, др. Ли, не успеа да је преживее епидемијата слична на сарс и мерс, како што заклучил тој,  и откако бил опоменат од полицијата дека „шири лажни вести и паника“ се наврати на својата хумана задача – да ги спасува разболените лица за да подоцна станe синоним на хуманост и пожртвуваност и  нивен херој. Имагинарниот лекар на Ками, д-р Рие, ја преживеа епидемијата и стана нејзин лекар и хроничар, заедно со историчарот Тару. И тој веќе не е жив. Доктор Рие виртуелно се борел против вирусот на чума, кој го зафатил Оран, еден обичен алжирски  медитерански град, тоа време центар на француската администрација. Во суштина, имагинарниот д-р Рие е раскажувач, лекар и хроничар на една вистинска чума во Оран, во 1817 година, иако авторот наведува дека дејствието во романот се случила во 1940 и некоја… И двајцата имале  ист предизвик: се соочија извесно време со непознатите и невидливи вируси, за кои знаеја дека се нешто ново и непознато, но беа безимени вируси. Подоцна им најдоа имиња: чума и нешто што личи на сарс, подоцна ковид-19. Но за д-р Ли тоа беше кобно!

Чумата ниту умира, ниту исчезнува

За жал, д-р Ли како млад лекар и од друг континент каде што не се читале делата на светските нобеловци за време на маоизмот оти биле полн со западна буржоаска идеологија, не успеал да ги прочита пораките на неговиот претходник др. Рие од романот „Чума“ за време на организираната прослава во градот Оран, по победата над вирусот: „Всушност, слушајќи ги гласовите на радост кои ечеа во градот“, пишува Ками, „Рие се сеќаваше дека оваа радост била закана, затоа што тој знаеше дека оваа радосна толпа не го знаеше тоа што можеме да го читаме во книги, дека вирусот на чумата не умира, ниту пак исчезнува и дека може да остане со десетина години, заспан во мебел и во облека, дeкa може со трпение да чека во спални, во визби, ковчези, марамчиња, и кои, можеби, ќе дојде денот кога, од несреќа и едукација на луѓето, чумата ќе ги разбуди нејзините стаорци и ќе ги праќа да умираат не некој среќен рад.

Кога непознатитот нов вирус сė повеќе се прошируваше низ светот, тогаш сė повеќе почнав да се убедувам себеси дека од несреќа и едукација, како што рекол некогаш  др. Рие, новиот вирус сличен на сарс и мерс подоцна именуван ковид-19 ги разбудил своите кобри и лилјаци и ги испраќал да умираат на среќните континенти Европа и Северна Америка. И тогаш се сетив на зборовите на Ками дека злата се една заедничка работа и луѓето му веруваат на злото само кога паѓа врз нивна глава. Војните и злото ги секогаш ги изненадуваат луѓето, и така треба да ги разбираме нивните неодлучности, вели авторот.

Дури и Трамп, кој му се смееше на „кинескиот вирус“ и со овој збор многу го налути кинескиот политички врв, на почетокот беше неодлучен: прекин на авионски летови кон Кина; карантин да, карантин не, итн. Градоначаникот на Њујорк, резигнирано, по убедливо најголемиот број на жртви од вирусот, изјави дека погрешиле што не ја сфатиле сериозно работата. Луѓето не му веруваат на злото, вели Ками, затоа што мислат дека тоа брзо ќе поминe, дека тоа е еден лош сон кој брзо ќе мине, но од еден лош сон до друг лош сон, луѓето се тие кои поминуваат, во прв ред хуманистите, затоа што не ги презеле нивните мерки, продолжува авторот.  Глупоста е секогаш настојчива, и таа ќе се забележи само ако луѓето не мислат секогаш на себе. Сограѓаните на Рие во тој поглед беа како сите, вели Ками: тие мислеа на себе, поинаку кажано, беа хуманисти и не му веруваа на злото.

Кристин фон дер Лајен, европска комесарка, овие денови им се извини на Италијанците. „Премногу бевме затворени во сопстсвените граници и не мислевме пошироко за другите. Но, ви гарантирам дека од денес и понатаму и вие ќе бидете наша заедничка грижа,“ им се обрати таа со јавно извинување. Но, сепак кај нив остана чувството на гнев кон изразениот претеран егоизам.

Откако д-р Филипче почна секојден да се појавува во прес-центарот, известувајќи за текот на злото, за инфицираните и умрените лица, опозицијата не можеше веќе да издржи: на кого личи Филипче? На доктор Рие кој треба да ги лекува пациените, на историчарот и хроничарот Тару, или на новинарот Рамбер? Сепак, д-р Филипче е на висина на неговите задачи со неговата крајна одговорност, педантност и способност во вршењето на неговите работи. Но, тој и сите лекари кои се наоѓаат на должност, бара и ние граѓаните, потенцијални идни жртви на вирусот, да му помогнеме: да ги почитуваме мерките на СЗО, да останеме дома, да си помогнеме себеси, на нашите семејства и да покажеме доза на хуманизам кон немоќните, сиромашните. Секој да ја заврши  добро својата работа, пишува Ками.

Дератизација на две улици наместо дезинфекција

Еве, ќе ви покажам некои примери како не треба да се врши работата. Градоначалничката на Тетово преку медиумите ни соопшти дека градот успешно се бори против коронавирусот. Службите, вели пресот, ја дератизирале улицата на бутиците, и сите шахти низ истата улица. Како стаорците да се кријат во шахти  под кои тече вода. И целата нејзина ангажираност во борбата против коронавирусот се сведе на дератизација на две улици, а не на перманентна дезинфекција на целата општина. А Тетово не е мала општина: сите имаат право на живот, и не само жителите на две улици! Сигурно градоначалничката помислила на епидемијата на чума, опишана од Ками, а не на тој вирус сличен на сарс, на што се сомневаше д-р Ли.

Некои лидери на политички партии не беа спремни да ги отстапат парите на сиромашните кои ги земаат од џебот на граѓаните  во полза на нивните политички и изборни активности. Тие можеби не ги  гледале сцените, во кои група Роми од една скопска населба наместо да се самоизолираат од коронавирусот, ги чуваат контејнерите да не ги зема службата за оддржување на хигиената, оти од нив секојдневно земале храна, од која зависел нивниот секојдневен опстанок. Можеби не ги сакаат нивните „сиромашни“ гласови. Не, не, не верувам во тоа.

За жал, во овие тешки времиња некои политичари се занимавале и со „вируски патриотизам“: на короната не ѝ се  обративме мултилингвално, согласно законот за јазици! Не е важно што немаме доволно респиратори, дури и маски кои можевме и самите да ги шиеме!

Банкарите, и покрај нивната мала солидарност, побрзаа да ги поделат дивидендите и да ги пресметаат каматите на одложените рати на нивните клиенти. Некои високи функционери, само од срам кон другите и ништо друго, прифатија редукција на нивните плати, а не и на другите привилегии.

Сепак, за среќа, уште има луѓе кои мислат на солидарност со немоќните, сиромашните, и се докажале на дело во овие кризни времиња. Тие не се во мал број.  Тогаш кога ќе поминат овие тешки денови, сигурно ќе се сетиме на хуманоста на лекарите кои ги оставија нивните сакани деца, татковци, мајки, браќа и сестри и отидоа на здравствениот фронт да спасуваат животи. Ќе се сеќаваме и на полицајците кои ноќум бдееле пред нашите врати да ни го чуваат нашето здравје. И сигурно ќе им кажеме една голема благодарност!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот