Меѓународната изложба „Војна на сетилата / Војна врз сетилата“ е поставена во МСУ во Скопје

Изложбата ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот, во МСУ-Скопје

Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот.

Изложбата „Војна на сетилата / Војна врз сетилата“ ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите и престижната награда „Тарнер“.

Во поставката се изложени дела на интернационални и македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, „Бејрут урбан лаб“, Центар за просторни технологии, колектив „Форензичка архитектура“, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвудод колективот „ЈоХа“.

– Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики, како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и поврзаноста меѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти, кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на разбирањето одредени случаи во подрачјата со воени конфликти, приложувајќи евиденција, помеѓу другото, делата претставуваат и повик за праведност. Оттаму, изложбата ја афирмира способноста на уметноста преку користење визуелни методлогии, како што се модели, цртежи, мапи, интерактивни картографски карти, веб-базирани филмови и анимации, да се произведе знаење и да се дејствува во насока на заштитата на човековите права – истакнуваат кураторите Метју Фулер и Тихомир Топузовски.

Колектив „Форензичка архитектура“

Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор, посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, дејствува и преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Пред сѐ, преку технологиите кои ги посредуваат начините на кои го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот.

Гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци, кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти, претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести.

Изложбата ќе биде проследена и со предавање на кокураторот на изложбата Метју Фулер. На 6 декември, со почеток во 15:30 часот, Фулер, кој е професор по Kултурни студии на најпрестижниот универзитет „Голдсмитс“ во Лондон, ќе говори на тема за истражувачката естетика.

Како теоретичар на културата, неговата истражувачката работа е во сферата на уметноста, науката, политиката и естетиката. Фулер е автор на бројни публикации, вклучувајќи ги насловите „Како да се спие: Уметноста, биологијата и културата на несвесното“ („Bloomsbury“, 2018), „Како да се биде Гик: Есеи за културата на софтверот“ („Polity“, 2017), „Естетика на екологијата и невозможноста“ („Minnesota“, 2019), како и во коавторство со Ејал Вајзман, книгата „Истражувачка естетика: Судири и заедничкото во политиката на вистината“ („Версо“, 2021).

Графичкиот дизајн за изложбата е на Денис Сарагиновски, а изложбениот дизајн го подготви Јован Ивановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот