Меѓународна награда за Марија Павловска за придонес во ширењето на хоризонтите

Македонската ликовна уметница Марија Павловска доби награда за придонес во ширењето на хоризонтите на 18. Меѓународна изложба ААМА (Азиско-африканска и Медитеранска уметничка изложба), на која се претставени делата на 82 уметници од 52 земји во светот.

Куратор на изложбата е Луо Чи од Кинеската академија на уметност, а изложбата годинава го смени својот формат и видеодела на уметниците истовремено се прикажуваат во галерии и уметнички центри во различни држави, како што се Италија, Франција, Португалија, САД, Сингапур и Кина. Во овој период изложбата е поставена во уметничкиот центар „Хангжу Ламор“ и во уметничкиот музеј „Квиндао“ во Кина.

Авторката Марија Павловска во нејзината 20-годишна уметничка практика ја истражува уметноста користејќи ги поларните црно-бели бои и се истакнува со специфичен експресивен стил, кој е единствен, како кај нас (Балканскиот регион), така и на меѓународно ниво.

Делата на авторката се составени од впечатливи, непостојни потези – опфаќаат поларни спротивности: светло и темно, полно и празно, црно-бело. Формите на делата на Павловска се развиваат од слика или цртеж до видео и инсталација.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Видео на денот