Меѓународен тим од експерти повторно создал јадења стари 4.000 години од древна Месопотамија

Гулаш леќа/Фото: Принтскрин/Wikimedia Commons

Дали некогаш сте се запрашале што јаделе луѓето пред 4.000 години? Тим од меѓународни научници упатени во историјата на кулинарството, хемијата на храната и клинестото писмо (вавилонскиот систем на пишување првпат развиен од древните Сумери во Месопотамија) веќе неколку години работи на пресоздавање (рекреирање) на древните јадења според најстарите рецепти на светот кои ни се познати.

Рецептите се пронајдени на клинестите плочки од Вавилонската колекција на Универзитетот Јејл и вклучуваат упатства за приготвување јагнешка чорба, пити со пилешко месо, лесни супи од зеленчук и чорби од цвекло.

Рецептите биле кратки и не многу информативни, така што тимот на научници го употребил своето знаење за човечките вкусови, основните состојки за подготовка на јадења кои не се менуваат драстично со текот на времето, како и она што тие претпоставуваа дека може да се точните соодноси на состојкитеза да дојдат до најблиската изведба на автентичниот рецепт.

Јагнешки гулаш

Првото јадење што успеале да го рекреираат бил јагнешка гулаш ме-е пухади. Оригиналните инструкции повеќе наликуваат на список на состојки отколку на рецепт: „Користете месо. Подгответе вода. Додадете ситна сол, погачи од сув јачмен, кромид, персиски шелот и млеко. Здробете и додајте праз и лук“.

Конечната верзија на јадењето што научниците го рекреирале има богат вкус и текстура постигнати по повеќемесечни обиди и грешки и користење на научните методи на варијабили и контроли за резултатите да бидат што поверодостојни.

Тие сфатиле, на пример, дека вклучувањето на сапуница, повеќегодишно растение кое понекогаш се користи за правење сапун, е погрешен превод. Додавањето на оваа состојка во која било мерка го направило јадењето горчливо, пенливо и целосно невкусно.

Супа од кромид

Уште едно јадење што успеале да го рекреираат се вика пашрутум, што истражувачкиот тим го превел како „релаксација“. Станува збор за супа со изразени вкусови на кромид, праз и коријандер, а веруваат дека им била давана на луѓето со настинка.

Пита со месо

Третото јадење наликува на пита со пилешко месо, со слоевито тесто и парчиња пилешко натопени во некој вид древен бешамел сос. Презентацијата на ова јадење вклучува елемент на изненадување бидејќи се служело покриено со крцкав капак од тенко тесто, кој гостите го отворале на почетокот на јадењето за да го откријат месото внатре.

Овој детаљ, тимот експерти го протолкувал како техника што ја нарекуваат „храна во храна“, за која веруваат дека се повторува во ирачките средновековни традиции, како и во современата ирачка кујна.

Чорба од цвекла

Конечно, научниците успеале повторно да рекреираат јадење наречено тух’у (tuh’u), кое се приготвува од црвено цвекло и има сличности со боршот, кој е распространет во ашкеназиската кујна, како и со чорбата распространета меѓу ирачките Евреи наречена кофта шавандар хамуд (ќофтиња со слатко-кисело цвекло).

Оваа чорба денес е едно од најчестите јадења во Ирак и фасцинантно е да се види како толку едноставно јадење преживеало во речиси иста форма од древни времиња до денес.

И покрај ограничените и често нејасни упатства што се наоѓаат на глинените плочи, научниците успеале да ги оживеат овие древни јадења користејќи комбинација на научните методи, кулинарската експертиза и малку креативно експериментирање.

Крајниот резултат е фасцинантен поглед на софистицираните кулинарски традиции на нашите предци и потсетник дека љубовта кон добрата храна и желбата да се создадат вкусни јадења е универзално човечко искуство кое го издржало тестот на времето.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот