Меѓународен ден за борба против корупција

Корупција
Корупција / Фото: Архива на „Слободен печат“

По повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември, Државната комисија за спречување на корупцијата, денеска на брифинг за новинари ќе информира за актуелните процеси поврзани со унапредувањето на работата на ДКСК кон остварувањето на поставените стратешки цели, како и за актуелните прашања и случаи од надлежност на комисијата за кои има јавен интерес.

Активности се најавени и во Владата, каде вицепремиерката за политики за добро управување, во соработка со вицепремиерот за европски прашања и евроамбасадорот Дејвид Гир, организира состанок со институциите со надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија. На затворена сесија на состанокот ќе се дефинираат целите врз основа на Извештајот на ЕК 2022 година и динамиката на спроведување на препораките за институциите вклучени во борбата против корупцијата.

Вицепремиерката Грковска, завчера на панел на тема „Кревки демократии” што се одржа во Рим, порача дека политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава.

-Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да се создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција, рече Грковска на панелот во рамки на Конференцијата „Перспективите на Балканот и Црното море 2022″, во организација на НАТО, НАТО Фондацијата за одбрана, како и италијанското Министерство за надворешни работи.

Американската амбасадорка во државава Анџела Агелер пред три дена на Твитер објави дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во земјава за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори.

– Правосудниот сектор на Северна Македонија има потреба од повеќе истраги и гонења, за да се покаже дека никој не е над законот, подвлече Агелер, која и претходно порача дека иако земјава чекори на патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот.

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар, пак, пред неколку дена изјави дека санкциите на САД за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и оти Вашингтон ќе продолжи со санкционирање корумпирани функционери од регионот.

Во пресрет на Меѓународниот ден за борба против корупцијата на оваа тема се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски наведувајќи дека тоа е една од причините зошто се потребни за предвремени парламентарни избори.

-Криминалот и корупцијата го уништуваат системот. И тоа е старата болка на оваа власт за која зборуваме секојдневно. И по објавувањето на информацијата дека американски истражители ќе дошле да откриваат криминал, навистина се смешни но и трагични оние изјави од власта како тоа тие ќе го поддржеле. Не може никој денеска со истите оние луѓе кои што се причина за тој криминал и корупција да се бори против криминалот и корупцијата. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, нови луѓе да ги водат тие институции и тогаш вистински ќе видат како се бори против криминалот и корупцијата, рече Мицкоски, на настан во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Видео на денот