Мега акција на Европол која ја опфати и Македонија: Уапсени 166 криминалци за криумчарење мигранти, дрога и оружје

Во заедничка акција на 34 земји, вклучително и Северна Македонија, минатата недела беа уапсени 166 лица во операција против организиран и тежок меѓународен криминал во Југоисточна Европа, соопшти денеска Европол, полициската агенција на Европската унија.

Покрај европските земји, во операцијата учествуваа и САД, како и Европол, Европската агенција за соработка во кривичната правда (Јуроџаст) и Европската агенција за гранична контрола (Фронтекс), а меѓу партнерите беа Интерпол и Канцеларијата на ООН за борба против дрога и криминал (УНОДЦ).

Според соопштението на Европол, вкупно 8.838 припадници на полицијата, граничните трупи и царинските служби учествувале во четиридневната акција чија цел е сузбивање на илегалната имиграција и шверц на оружје и наркотици.

Повеќе од 39 000 луѓе и 44 000 возила биле прегледани на граничните премини и точки за кои постои сомневање дека се центри за шверцерски активности. Ова, како што се наведува, резултирало со апсење на 17 лица во повеќе европски земји за криумчарење или нелегално поседување огнено оружје, 73 лица за криумчарење мигранти или илегална имиграција и 37 лица за шверц на наркотици.

Седум лица биле уапсени за истовремен шверц на дрога и огнено оружје, а меѓу уапсените има и 12 лица за измама извршена со лажни документи, едно лице кое било барано со меѓународна потерница и 19 лица за кривични дела кои не биле предмет на самата акција.

Покрај тоа, запленети се 51 парче разновидно оружје и 47 килограми разновидна дрога, се наведува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот