МЕФ 2023: Инклузивна енергетска транзиција клучна за справување со климатските проблеми

Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања/Фото: Влада на РСМ

Енергетската транзиција е клучна алатка во справувањето со климатските проблеми, но мора да биде инклузивна. Неопходно е и итно дејствување за диверзификација на енергетските ресурси, но и развивање на пазарите за да ги следат промените преку креирање овозможувачка и поттикнувачка средина, беше порачано на отворањето на шестото издание на МЕФ Енергетски Форум 2023, што се одржува од денеска во Скопје.

-Забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина водат кон итна трансформација од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленичките гасови која треба да ја сметаме како императив и во креирањето и спроведувањето на нашите проекти. Со забрзан чекор сме кон обновливи извори на енергија, но планирањето и подготовката за идните фази е она што гарантира одржливост и стабилност, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, пред економијата, се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветерот, сонцето и водата. Оваа трансформација, укажа, ќе вклучи креирање нови зелени и високопродуктивни работни места кои според проекциите за 2030 година во овој сектор ќе отворат 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони нови работни места.

Вицепремиерот оцени дека развивањето на пазарите за да можат да ги следат промените е можно само преку креирање овозможувачка и поттикнувачка средина.

-Нашата држава е лидер во регионот со донесените и веќе имплементирани закони и подзаконски акти кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. Со усогласување на енергетските политики, современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии го отвораме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина, која ги ублажува климатските промени. Ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст. Сите политики и мерки на Владата со кои креираме подобра енергетска иднина на земјава се фокусирани на изградба на нови капацитети на базна енергија и истовремено производство на енергија од обновливи извори, рече Битиќи.

Во однос на производство на базна електрична енергија информираше дека е при крај процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидрокапацитетите во проектот Чебрен со проценета вредност на инвестицијата од милијарда евра и предвиден капацитет за производство на базна енергија од 300 до 330 мегавати.

На форумот беше истакната и важноста од енергетското поврзување, преку изградба на интерконекторот со Албанија, со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Исто така и зголемувањето и на капацитетот за пренос на електрична енергија на Коридорот 10 преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола – Лерин кој треба да биде удвоен во наредните неколку години.

Диверзификацијата на снабдувањето со природен гас преку градење на интерконекторот со Грција, пак, како што наведе вицепремиерот, за нас ќе значи дека нема да бидеме целосно зависни само од руски гас, кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку ќе ни се достапни и другите извори на гас, од Ен-Ел-Џи терминалот во Александропулос.

Порака за потребата од диверзификација на енергетските ресурси упати и американската амбасадорка во државава Анџела Агелер.

Таа оцени дека Европа и Северна Македонија, се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања, при што потенцираше дека енергетската криза поттикната од руската агресија во Украина потенцирала колку е важна енергетската независност, особено во државава.

-Имавме напори секаде во Европа, кај американските партнери, за да останат топли домовите во Северна Македонија, но овие прашања се уште не се решени. Зимата повторно ќе се врати и апелирам до сите итно да дејствувате за диверзификација на енергетските ресурси, рече Агелер, посочувајќи дека САД работат напорно на зајакнување на енергетската издржливост и отпорност.

Директорот за Западен Балкан на Фондацијата Отворено опшество Анди Добуши, исто така потенцираше дека Западниот Балкан е на крстосницата на енергетската диверзификација и еколошка одржливост.

-Благословени сме со огромни природни ресурси од обновливи извори. Овој пат налага не само природни ресурси, туку и визија и иновации и пред се, колективна одговорност за сите вклучени чинители. Транзицијата кон зелената енергија е можност да сковаме нови сојузи за економски одржлив развој, рече Добуши.

Истакнувајќи ја важноста на климатската правичност, посочи дека поттикнуваат вклучување на граѓаните и малите бизниси во производството на зелена енергија заради енергетска демократија и инкузивен економски раст и подобрување на опшетствената кохезија. Како што сопшти, во таа насока канцелариите на фондацијата во земјите од Западен Балкан почнуваат пилот проект за зелена енергетска инфраструктура во јавните училишта.

Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитетите за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 гигавати, што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија.

МЕФ Енергетскиот Форум 2023 е во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата и Делегацијата на ЕУ во Скопје, под покровителство на вицепремиерот Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот