Меџити му дише во врат на Ахмети, Груби и Тачи најнепопуларни

Предводникот на „огнените“ Изет Меџити им дише во врат на лидерите на ДУИ и на Алијанса за Албанците Али Ахмети и Арбен Таравари иако не е лидер на партија. Ова го покажува истражувањето спроведено во втората половина на февруари, објавено од телевизијата Алсат.
Според истражувањето, граѓаните Албанци за Меџити имаат најпозитивно мислење по Ахмети и Таравари, додека интересно е дека најнегативно мислат за првиот вицепремиер Артан Груби 58, 3 и лидерот на ДПА Мендух Тачи 58,6 отсто од испитаниците.
Меџити има поддршка од 43,5 отсто, Ахмети е прв со 48,9 отсто, додека за Таравари позитивно мислат 46 отсто од испитаниците. Помала поддршка од Меџити имаат претседателите на Беса и на Алтернатива Билал Касами и Африм Гаши.
За превирањата во ДУИ и за дејствувањето на „огнените“ анкетираните го издвојуваат Меџити како најповолен за иден политички лидер. 21,4 отсто од испитаниците сметаат дека Меџити може да биде лидер на политичка партија, а Муса Џафери, Невзат Бејта и Висар Ганиу имаат мала поддршка, односно под 10 отсто.
За недоразборањата во ДУИ, 30,5 отсто од испитаниците сметаат дека „војната“ на огнената група е фер, додека околу 14 отсто оценуваат дека тоа е лична битка против претседателот на ДУИ, Али Ахмети.