Медведев со титулата на „УС Опен“, Ѓоковиќ не го оствари сонот во Њујорк

Во машкото финале на последниот грен слем турнир „УС Опен“, вториот носител Данил Медведев (Русија) со резултат 3:0 во сетови 6:4, 6:4 и 6:4 го совлада првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ (Србија).
Медведев е првиот Русин кој успеа да дојде до грен слем титула од 2005 година кога тоа му успеа на Марат Сафин на „Австралија Опен“.
Во пресрет на овој финален меч во Њујорк, голем број експерти предвидуваа дека српскиот ас сигурно ќе го освои календарскиот слем, нешто што му успеа само на Род Лејвер, далечната 1969 година, освојувајќи ги сите четири грен слем турнири во годината.
Ова беше деветти дуел помеѓу Ѓоковиќ и Медведев, до ова финале Србинот водеше во меѓусебниот скор со 5:3. Во првиот сет уште на стартот Русинот направи „брејк“ и се погрижи за 2:0 предност. Две брејк топки имаше Медведев во третиот гем, но Ѓоковиќ се врати и го освои првиот гем во оваа завршна битка.

Рускиот тенисер ја одржуваше позитивата на брејкот, дојде до предност од 1:0 во сетови, конечни 6:4 после 37 минути игра. Медведев во вториот сет веднаш повторно направи брејк, а потоа и го потврдува за 4:2. Растеше и притисокот врз најдобриот светски тенисер кој во текот на мечот ја покажуваше лутината кршејќи го својот рекет.
Вториот тенисер на турнирот играше одлично, со прецизни удари исто така со 6:4 дојде и до 2:0 во сетови. Ѓоковиќ го губи сервисот на почетокот од третиот сет и уште еднаш се потврди дека Медведев е во огромна резултатска и психолошка предност.
🇷🇺 @DaniilMedwed has broken through the Big 3. pic.twitter.com/Hl5LnssKSS
— US Open Tennis (@usopen) September 12, 2021
Зголеми и на 2:0, а потоа следуваше уште еден брејк на Русинот кој се наоѓаше многу блиску до својата прва грен слем титула. Конечно Ноле доаѓа до првиот гем во третиот сет за намалување на 4:1, а потоа и за 5:2 за опстанок во дуелот. Едно од најсилните „оружја“ во овој меч на Медведев беа асовите, ги имаше двојно повеќе од својот ривал.
Ѓоковиќ се врати во „живот“ откако направи брејк и намали на 5:3, и на 5:4, а потоа следуваше Медведев кој го користи својот сервис за конечна победа од 6:4 или 3:0 во сетови и за негова прва грен слем титула во кариерата.