Медиуми: Што досега донесе климатската конференција во Глазгов

Фото: EPA-EFE/ROBERT PERRY

Со договорите за метан и против уништувањето на шумите, климатската конференција во Глазгов нуди надеж по песимистичкиот почеток, пишува Њујорк Тајмс.

Светските лидери собрани во Глазгов постигнаа договори за намалување на емисиите на метан и запирање на уништувањето на шумите, зголемувајќи ги напорите за борба против климатските промени. Во исто време, до крајот на конференцијата се водат уште потешки преговори за изнаоѓање начини за избегнување на катастрофалното глобално затоплување.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој го заврши своето учество на форумот, рече дека САД ветиле партнерство со ранливите земји во борбата против климатските промени. Тој, исто така, изрази уверување дека неговата домашна климатска агенда ќе биде одобрена од американскиот Конгрес, и покрај тешкотиите со кои се соочува.

Според Бајден, конференцијата го вратила лидерството на САД за прашање што тој го идентификуваше како егзистенцијална закана за човештвото. Претседателот рече дека Америка ќе продолжи да ги следи се поамбициозните климатски цели. Најзначајните договори постигнати вчера во Глазгов се однесуваат на области во кои, според него, САД имаат намера да дејствуваат решително – намалување на емисиите на метан и заштита на шумите ширум светот, нагласува Њујорк Тајмс.

Бајден ги критикуваше претседателите на Кина и Русија за неуспехот да им се придружат на другите лидери на конференцијата. Според него, на овој начин тие се откажале од можноста да имаат глобално влијание, пишува Волстрит џурнал.

Бајден користи големи количини на фосилни горива за да се бори против климатските промени, објави Вашингтон тајмс. Претседателот беше обвинет за лицемерие за неговата колона од 85 автомобили, кои пристигнаа на самитот на Г20 во Рим за време на викендот, а потоа и за неговата поворка од 21 автомобил на неговото патување од Единбург до Глазгов за климатската конференција, посочува изданието.

Придружбата на Бајден, наводно, вклучувала четири авиони и хеликоптер, што го натера сенаторот Џон Барасо од Комитетот за енергија и природни ресурси на Сенатот на САД да покрене прашања за јаглеродниот отпечаток на американската влада. Републиканецот испрати писма до високи владини функционери прашувајќи колку вреди конференцијата за даночните обврзници, колкав е бројот на директори и придружниот персонал што присуствуваа на конференцијата и какво е влијанието на нивното патување во однос на емисиите на стакленички гасови.

Конференцијата, наводно, довела до „сообраќаен метеж” на приватни авиони.

Британскиот печат проценува дека повеќе од 400 нееколошки приватни авиони донеле високи функционери и познати личности на форумот во Глазгов. Некои од нив потоа се качија во лимузини за да стигнат до местото на конференцијата.

Дејли Мејл забележува дека, според најскромните проценки, приватните авиони кои пристигнуваат на конференцијата ќе согорат вкупно 13.000 тони јаглерод диоксид, што е еквивалентно на повеќе од 1.600 Британци потрошени во текот на годината.

Наметнувањето меѓународна цена на јаглеродот може да ги намали глобалните емисии на стакленички гасови за 12 отсто, што ќе чини помалку од 1 отсто од светскиот бруто домашен производ, се вели во извештајот на Светскиот економски форум и Прајсвотерхаус Куперс, цитиран од весникот Гардијан. Според извештајот, оданочувањето на загадувањето би чинело помалку од економските загуби предизвикани од ефектите од климатската криза, пишува весникот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот