
Медиуми од целиот регион ќе го пренесуваат протестот во Кочани
Екипата на „Слободен печат“ денеска повторно е во Кочани, каде во 13 часот ќе се одржи протест во Градскиот парк преку кој граѓаните ќе бараат правда за жртвите и повредените од оваа голема трагедија. Се упативме кон изгорената дискотека „Пулс“ околу која е поставена полициска лента, а пристапот кон неа е ограничен за јавноста.
Препорачано
Објектот беше опкружен со новинари, меѓу кои можеа да се забележат претставници од повеќе македонски медиуми, но исто така во градот денеска се и голем број новинари и телевизии од Грција, Србија, Албанија, Хрватска, Италија, а исто така во градот се присутни и претставници на Си-Ен-Ен од Романија.

-Многу лошо ја примивме оваа вест, можеби бидејќи сличен немил настан се случи и во нашата држава пред скоро десет години, кога се опожари ноќниот клуб „Колектив“, пожар во кој изгореа 64 луѓе“. Денеска дојдовме во Македонија за да го проследиме протестот во Кочани, искрено сочувство за фамилијата на загинатите- вели новинар од Си-ен-ен Романија за „Слободен печат“ кој додаде дека по немилиот настан во ноќниот клуб во Романија, власта презема сериозни мерки и променила многу закони со цел таа трагедија да не се повтори.
Во Градскиот парк во Кочани денеска во 13 часот ќе се одржи протест каде граѓаните ќе бараат правда за 59 загинати и стотиците повредени од пожарот кој пред два дена го зафати ноќниот клуб „Пулс“.