Медицината оди чекор понатаму: Таблетите за контрацепција за мажи може да станат реалност

контрацепција
Таблети за контрацепција / Фото: Unsplash

И додека жените имаат повеќе од десетина ефикасни опции за контрола на моментот на зачнување, мажите имаат само две, и двете имаат свои недостатоци – кондомите можат да пукнат, додека вазектомијата бара хируршка интервенција и обично е трајна.

Ограничениот број опции за мажите значеше дека жените обично ги поднесуваат финансиските и здравствените оптоварувања. Ова од друга страна би бил голем пресврт меѓу партнерите. Овие таблети ќе бидат лесна опција за мажите и би можеле да отстранат дел од тие оптоварувања на жените, а на мажите да им даде поголема контрола врз нивното репродуктивно здравје.

Во текот на истражувањата, лекот што им бил даден на машки глувци бил 99 отсто ефикасен во спречувањето на бременост, а притоа не предизвикувал забележливи несакани ефекти. Клиничките испитувања на лекот кај луѓе е планирано да започнат во текот на 2022 година.

контрацепција
Контрацепција / Фото: Pexels/Nadezhda Moryak

Какви несакани ефекти може да предизвикаат таблетите за контрацепција наменети за мажи?

Еден од најпопуларните методи за контрола на зачнување кај жените е контрацептивната таблета, која низ годините се покажа како ефикасна и едноставна за употреба – жената само треба да престане да ги зема таблетите за да ја „врати“ својата плодност.

И таблетите за контрацепција кај мажите потенцијално би можеле да станат глобално популарни, но нивниот развој се покажа како огромен предизвик – додека таблетите наменети за жените треба само да го блокираат ослободувањето на една јајце-клетка секој месец, таблетите за мажи треба да го блокираат производство на милиони сперматозоиди секој ден!

Бројот на сперматозоиди е поврзан со хормонот тестостерон, па затоа многу кандидати за контрацептивни таблети за мажи се обиделе да го намалат нивото на тестостерон за да ја намалат плодноста. Но, тие можат да предизвикаат нус-појави како зголемување на телесната тежина, депресија и друго.

контрацепција
Фото: Unsplash / Reproductive Health Supplies Coalition

Шест недели по престанувањето на земањето на лекот, повторно плодни

Истражувачите од Универзитетот во Минесота сега развиваат таблети за контрацепција наменети за мажи што целат кон протеинот поврзан со формирање на спермата, наместо тестостеронот.

По примањето на лекот, секој ден во текот на четири недели, машките глувци имале драстично намален број сперматозоиди. Во испитувањата за парење, лекот бил 99 отсто ефикасен во спречувањето на бременоста, а четири до шест недели откако глувците престанале да го земаат лекот, можеле да создадат потомство. А најдобро од сè е што глувците немале забележливи несакани ефекти.

Но, само затоа што нешто функционира кај глувците, не значи дека ќе функционира и кај луѓето. Исто така, постои можност глувците да доживеале незабележливи нус-појави.

За вистински да се тестира потенцијалот на таблетата за контрацепција кај мажи, тимот истражувачи ќе треба да ги тестира на луѓе, а истражувачката Гунда Георг истакна дека планот е клиничките испитувања да започнат во втората половина на 2022 година. Ако поминат добро, таблетите би можеле да бидат подготвена за пазарот во рок од пет години.

„Нема гаранција дека ќе функционираат. Но навистина би била изненадена ако не видиме ефект и кај луѓето“, изјави таа за „Франс 24“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот