„Медена земја“ води според публиката

Според гласовите на публиката на Сараевскиот филмски фестивал досега води македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој е вклучен во главната конкуренција во програмата на Документарни филмови. Додека кај играните филмови, исто според гласањето на публиката, на четврто место се наоѓа филмот на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името и е Петрунија“.

Беше навистина задоволство синоќа да се биде во отвореното летно кино, каде што вообичаено пред секоја проекција се објавува листата на филмови што водат во сите категории според гласовите на публиката. Македонија едноставно доминираше на оваа листа. „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, филмот кој годинава ја отвори Документарната програма во Сараево, котира најдобро кај публиката. Во Сараево филмот го претставија авторите, снимателот Самир Љума и, се разбира, извонредната Атиџе, која успева да ги плени сите. На другата листа, пак, на играни филмови се наоѓаше филмот „Петрунија“, кој покрај што беше прикажан во програмата „Во фокусот“, во Сараево на Талент кампусот влегоа и двајца актери што играат во него, Стефан Вуисиќ и Илија Волчески, додека во Интернационалната работилница за кастинг е селектирана Зорица Нушева.  

А дополнително на сето ова, и самите настани во отвореното кино некако му дадоа тежина на се. Имено, синоќа во Сараево пристигна еден од најмаркантните, најенергични и актери со неверојатна способност за трансформација, Тим Рот. Во ова кино кое собира 4.000 луѓе и кое беше преполно, на Тим Рот му веше врачено „Срцето на Сараево“, а тој, онаков каков што е, извонреден, но многу непосреден, немаше ниту подготвен говор, ниту пак очекуваше нешто посебно. Беше само многу возбуден и среќен за наградата, која му беше врачена за неговиот придонес кон светскиот филм. Без никакво флоскули и фрази, тој ја прими наградите и рече: „Фала дечки“. Сосем во негов стил. Само да се потсетиме на некои од филмовите, кои денеска веќе се сметаат за култни: „Евтини приказни“, „Кучиња од резервоар“, „Мета“, „Куварот, крадецот, неговата жена и нејзиниот љубовник“, потоа „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Винсент и Тео“ и многу други, најчесто независни филмови.

Веднаш потоа можеше да се виси босанската премиера на српскиот филм „Шавови“ на Мирослав Терзиќ, која беше одлично примена и испратена со силен аплауз. „Шавови“ е направен според вистинска приказна, а зборува за онаа позната афера во Србија некаде во 1980-тите години кога многу жени веруваа дека бебињата им се украдени, а тие се излажани дека се мртви. Како што можеше да се види на крајот, ниту еден од петстотини случаи до денес не е решен. Терзиќ го направил филмот одлично, следејќи ја психолошката состојба на Ана и нејзината убеденост со години дека нешто не е в ред. Тензијата се зголемува како што Ана открива некои податоци кои укажуваат дека нејзините сомневања се оправдани, за на крајот, кога ќе сфати дека на момчето може да му направи лошо со целата таа апсурдна ситуација, таа решава да заборави на својата болка и да направи се за него да го заштити. Снежана Богдановиќ е извонредна во улогата на Ана.

Што се однесува до главната програма на долгометражни играни филмови, може да се каже дека се издвои уште едно многу силно остварување, грузискиот „И потоа игравме“ на Леван Акин. Овој филм низ моќна кореографија и жестока игра, го донесе грузискиот дух и традиција, но истовремено испреплетувајќи ги со неколку исклучителни карактери, чии подеми и падови, вљубувања и разочарувања, исто така, се одвиваа низ играта. Тој неверојатен танц кој едноставно за нив значи живот, живот полн со предизвици, живот во кој се одигрува и нивното созревање, но и соочување со своите внатрешни вистински потреби, но и со моќта или немоќта да се прифати неизбежното. Во целата таа конзервативна средина многу добро и со вистинска мерка е прикажана и љубовта меѓу двајца мажи, но и семејната трагедија, како и поддршката тогаш кога работите ќе отидат онаму каде што никој не очекуваше. Многу силен филм кој не може да ве остави рамнодушен, со карактери што ја носат онаа неверојатна волја во потребата да се најдат себеси, но истовремено и да побегнат од една средина која не трпи различности, а уште помалку слобода, иако токму танцот во својата суштина тоа и е. Но, не во Грузија, како што ќе речат, бидејќи не е доволно да си совршен, туку мора да го одразиш духот на земјата.

Веќе пишувавме и за албанскиот филм „Отворена врата“, кој исто така се издвои како фаворит во главната трка. Но, она што особено паѓа в очи, е дека годинава има многу филмови со особени женски ликови. Така е и со албанскиот филм, кој донесе два карактера различни меѓусебе, но всушност многу силно поврзани во онаа нивна борба во која се распнати меѓу модерното и патријархалното. Рудине и Елма се два прототипа, едната на одговорност и прифаќање, а другата на бунтовност и на потребата за промени. Тука спаѓа и нашиот лик на Петрунија, која исто така ќе се најде на крстосница, но и самата Атиџе од „Медена земја“ која одушевува со својата мудрост, но онаа исконска мудрост, која размислува толку подалеку и поразлично од сите нас, гледајќи ја и почитувајќи ја слободата и природата, која за неа секако значи живот.       

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот