„Медена земја“ денес во Берлин се бори за Евроспки оскар, а во Лос Анџелес за најдобар документарец во светот

Денес е бурен ден за екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов – вечерва во Берлин ќе се доделат наградите на Европската филмска академија (ЕФА) каде филмот е номиниран за најдобар документарец, а во Лос Анџелес се доделуваат Интернационалните документарни награди ИДА, каде има три номинации: за најдобар филм, за режија и за кинематографија на Самир Љума и Фејми Даут, објави „СДК.мк“. Не заворавајте да го прочитате интервјуто со главните „виновници“ за престижната Медена земја, Атиџе, Тамара Котевска и Љубо Стефанов во ова викенд издание на Слободен печат, во рубриката Културен печат (весникот е веќе во продажба низ цела Македонија и ќе биде во продажба до понеделник вечер).

Режисерката Котевска со Љума и со продуцентот Атанас Георгиев денес се во Берлин, на свеченоста на ЕФА, каде „Медена земја“ за престижната награда позната и како европски Оскар за конкуренти ги има: „Сведоците на Путин“ (Русија), „За Сама“ (Велика Британија/САД), „Исчезнувањето на мојата мајка“ (Италија/САД) и „Селфи“ (Франција/Италија).

На 32. доделување, наградите ќе се доделат во 23 категории. За најдобар филм се борат „Офицер и шпион“ на Роман Полански, „Клетници“ на Лаџ Ли, „Системкрашерс“ на Нора Фингшајд, „Болка и слава“ на Перо Алмодовар, „Предавникот“ на Мако Белокио и „Фаворитката“ на Јорос Лантимос. Француската актерка Жилиет Бинош ќе добие награда за европски придонес во светскиот филм, а култниот германски актер, писател и режисер Вернер Херцог наградата за животно дело. Преносот почнува во 17 часот, а церемонијата е во 19 часот и може да се следи на www.europeanfilmawards.eu.

Интернационалните документарни награди ИДА се најпрестижниот светски настан за овој жанр, а режисерот Стефанов денес е во Лос Анџелес за на свеченото доделување да ја прими и наградата „Паре Лоренц“, која на ИДА  се доделува „за давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“, а „Медена земја“ е годинашен добитник.

„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари.

Ден претходно, во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.

Единствениот македонски филм кој досега ја освоил наградата Независен дух е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во 1995 за најдобар странски филм. „Пред дождот“ истата година беше и меѓу петте номинирани за Оскар.

По победата на Санденс, Тел Авив и голем број други награди, признанија и номинации, „Медена земја“ е вбороена и меѓу најдобрите филмови на годината од „Њујорк тајмс“ како и од списанието „Арт форум“.

Документарецот изминатиов период играше во 30 градови низ земјава, а од денес до 13 декемрви ќе се прикажува во Кинотеката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот