Мецола: Мора да одговориме на кандидатурата на Украина без колебање

Роберта Мецола
Роберта Мецола / 30 мај 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, се сретна со лидерите на ЕУ пред почетокот на самитот и повика на одлучност од страна на ЕУ кон Украина и кон санкциите врз Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Традиционално, претседателот на Европскиот Парламент им се обраќа на 27-те лидери на земјите членки на ЕУ пред почетокот на самитот. Попладнево тоа и го стори Роберта Мецола, по што се обрати пред медиумите и ги пренесе пораките кои им ги упатила на земјите членки.

Мецола инсистираше дека е многу важно до крајот на јуни да се испрати позитивна порака до Украина која неодамна одговори на сите прашања од прашалникот на Европската комисија за добивање кандидатски статус. Комисијата во моментов го подготвува своето мислење кое треба да биде објавено во следните недели.

„Изборот со кој сме соочени е дали сакаме Украина да гледа кон Европа или дали сакаме Украина и остатокот од светот да се сомневаат во капацитетот на Европа, немаме друг избор освен да ја приближиме Украина, најлош сигнал би бил да покажеме колебање“, рече претседателката на Европскиот парламент.

Таа посочи дека позицијата на Парламентот на ЕУ е недвосмислена и позитивна за следните чекори за доделување на кандидатски статус на Украина.

На прашање да ги коментира разните предлози од типот на Европска политичка заедница и нивната содржина, Мецола изјави дека е важно да се „отвори вратата за земји кои се борат за она што го претставува ЕУ“.

„Што подразбираме под отворање на вратите е дека кога Украина одговара на прашалникот со светлосна брзина, ние треба да одговориме назад ефикасно, и добив осигурување дека тоа ќе се случи на следниот Европски Совет во јуни“, изјави Мецола.

Претседателката додаде дека пред лидерите ги споменала и Албанија и Северна Македонија, кои не треба да бидат запоставени.

Во однос на пакетот санкции врз руската нафта, претседателката на Европскиот парламент изјави дека атмосферата на самитот била позитивна.

„Никогаш не е лесно да се усвои пакет санкции“, рече Мецола, и истакна дека се јасни специфичностите на сите земји членки, меѓу кои некои се позависни од други од руската нафта, но дека единството на ЕУ не смее да биде оштетено.

Продолжувам да бидам оптимист, рече таа.

„Беше многу тешко во последните недели, но се надевам дека ќе постигнеме договор кој има ‘заби’ и ќе можеме да преминеме и на следниот чекор, оваа војна нема наскоро да заврши, и ние мораме да бидеме одлучни“, рече претседателката.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот