МД „Илинден”: Крајно некоректно е албанскиот министер Цакај сопствените жители Македонци да ги нарекува Бугари

Македонско друштво „Илинден”-Тирана изразува разочарување во врска со изјавата на овластениот албански министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, дадена на средбата со бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева во Софија.

Друштвото смета дека е несоодветна и недолична изјавата на Цакај, дека „бугарското етничко малцинство во Албанија служи како мост меѓу двата народа”, алудирајќи дека во Албанија живее бугарско малцинство.

-Македонско друштво “Илинден”-Тирана го потсетува Цакај, дека во Албанија и во регионите каде Бугарија ги лоцира, досега официјално Бугари нема и дека е крајно некоректно од министерот на Албанија да ги понижува и потценува сопствените жители Македонци намерно нарекувајќи ги Бугари. Јасно е дека, во односите меѓу Софија и Тирана, измислувањето на Бугарите во Албанија е направено со уцена заради албанското пристапување во Европската Унија, стои во реакцијата на друштвото.

Во реакцијата се посочува дека до 2017 година, во ниту еден официјален попис или документ на Албанија немало и нема Бугари на територијата на Албанија, поради што друштвото смета дека е недозволиво висок државен функционер, како министер за надворешни работи, да ја злоупотребува позицијата за потценување на Македонците во Албанија, од кои „тој и неговата партија, на секои избори бараат гласови од Македонците”.

-Со последната изјава министерот Цакај, тој го навреди македонското малцинство во Албанија и искажа една историска лага за постоење на Бугари во Албанија. Со оглед на тоа што Европската Унија се декларира како демократски сојуз на држави, Македонско друштво „Илинден”-Тирана бара од европските институции да им наложат на бугарските власти она што го бараат од Албанија да го применат и кај себе во однос на постоечкото македонско малцинство во Бугарија. А за почеток, признавање на основните човекови права на Македонците во Бугарија, права кои важат за секој човек во светот, стои во реакцијата.

Истата пракса, според Македонско друштво “Илинден”-Тирана, треба да се примени и врз Грција која и во 21 век одбива да ги примени општите правила за однесување кон малцинствата на нејзина територија.

Македонско друштво „Илинден”-Тирана најостро ги осудува злоупотреба на правото на вето на Бугарија за членство на Албанија во Европската Унија што беше „основната изнуда за да во албанскиот Закон за заштита на националните малцинства донесен во 2017 година, покрај, Македонците, Грците, Власите, Ромите, Црногорците, Србите, Египќаните и Бошњаците, дa го впише и непостоечкото бугарско малцинство”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот