Мавровско се дави на суво!

Езерските води се видливо повлечени, а поплитките делови во близина на селото Маврово сега се сосема на суво. Водостојот во речиси сите вештачките акумулациски езера од кои се произведува струја, во овој момент е исклучително низок.

Мавровското Езеро крајот на септември го дочекува на незапаметено низок водостој. Езерските води се видливо повлечени, а поплитките делови во близина на селото Маврово сега се сосема на суво.

„Ова е катастрофа, до кога ќе го празнат езерово“, се коментира на социјалните мрежи. Водостојот во вештачките акумулациски езера од кои се произведува струја во целата држава, во овој момент е исклучително низок и изгледот на голем дел од нив е речиси непрепознатлив.

Со мавровската акумулација стопанисува Јавното претпријатие „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Оттаму смируваат дека почнувајќи од 13 септември, хидроелектраната „Маврово“ е надвор од погон поради редовни ремонтни активности.

„Од овој датум не се испушта вода од акумулацијата заради производство на електрична енергија“, пишува во одговорот на ЕСМ до „Слободен печат“.

Оттаму најавуваат и дека се во тек и дополнителни градежни активности на санација на доводните системи кон акумулацијта „Маврово“, со цел да се намалат загубите на вода од доводните канали. Со овие зафати од ЕСМ очекуваат да се подобри дотокот на вода во акумулацијата, односно да има целосно складирање на дотоците во акумулацијата.

Катастрофално испразнетото Мавровско Езеро летово ги разочара и многубројните посетители, кои поради состојбата со пандемијата на ковид-19 почесто ги одбираа вештачките езера за освежување и капење, но таму ги дочекаа исушените брегови на езерата.

Водата од акумулациите летово засилено се користеше за производство на електрична енергија, иако надлежните тогаш тврдеа дека е сè под контрола со вештачките езера и дека се внимава на биолошкиот минимум заради живиот свет во езерата.  

Сепак, засиленото испуштање на водата, како и слабиот доток поради долготрајната суша, направија пустош на Мавровско Езеро и на другите вештачки акумулации во земјата и сè почесто се споделуваа вознемирувачки фотографии на социјалните мрежи на испразнетите и опуштени брегови на Мавровско, Дебарско и Езерото Козјак.

Истек како река поради РЕК

Од ЕСМ појаснуваат дека во еден период производството на хидроелектраните било зголемено како последица на елементарната непогода во рудниците во РЕК Битола, поради која се намалило производството од термоелектраните, а потпишаните договорни обврски биле надополнети со хидроелектраните. Тоа влијаело врз поголемата експлоатација на водните акумулации за производство на струја.

Меѓутоа, велат од ЕСМ, и сега, како и во текот на целата година, нивоата на акумулациите биле во рамките на пропишаните дозволени вредности според водостопанските дозволи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот