Маврово нападнато со вили и секири

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

На просторот покрај хотелот Радика, покрај Мавровското Езеро, интензивно се градат 87 викендички. Бетонската навалица особено се засилила по објавувањето на предлог-законот за легализација на дивоградбите што беше повлечен откако шефот на државата не го потпиша. Локалните власти велат дека споменатите објекти се нелегални, но не знаат дали во иднина ќе бидат легализирани. Како можат да знаат, кога власта допрва треба да дефинира што е дивоградба и кои од барањата за легализација ќе бидат одобрени.

По дебатата за тоа како треба да изгледа доработката на повлечениот закон, Владата во јули соопшти дека е нужно да се направи „реална дистинкција меѓу објектите за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит“. Исто така, најави дека нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како што се национални паркови и слично. Маврово за национален парк е прогласено од Народното собрание на Народна Република Македонија во 1949 година.

Кога сме веќе кај заштитените зони, Електростопанство на Македонија (ЕСМ), компанијата која е надлежна за вештачкото езеро во Маврово и е одговорна за давање согласност за градба, во јуни 2020 година негативно ѝ одговорила на фирмата од Гостивар која ги изготвила урбанистичките планови и побарала да коригира еден дел од планот што влегува во заштитниот појас од 50 метри од максималната кота на акумулацијата, определена со Законот за води.

Ова не го потенцираше Медат Куртовски, градоначалник на Маврово-Ростуше, во изјавата за „Слободен печат“, иако рече дека „куќите нема да можат да се легализираат додека не биде изградена пречистителната станица за отпадните води“. Од Националниот парк „Маврово“, пак, велат дека лани во август им барале дозвола за расчистување на вегетацијата на просторот каде што сега се градат вилите. „Со оглед на тоа дека се работи за приватен имот, на кој имаше грмушки и неколку плодни дрва, главно цреши и јаболкници, ние тоа одобрение го дадовме“, изјави Самир Ајдини,  директор на НП „Маврово“.

Можеби во иднина ќе се измисли пречистителна станица што ќе ги намали штетните ефекти од т.н. бетонизација на нашите шуми и паркови, штом единствен проблем засега за нелегалните градби во Леуново, според Куртовски, е нејзиното непостоење. Но ако во оваа општина до јуни годинава се легализирани околу 2.000 бесправно изградени објекти според законот од 2011 година (општинарите не одговориле колку од дивоградбите што се легализирани се во забранетата зона на НП „Маврово“), зарем некој ќе прави проблем за 87 викендички кои утре ќе му носат профит на хотелот „Радика“, од каде што засега молчат. А баш сакав да ги прашам дали исечените цреши и јаболкници слабо раѓале, па сфатиле дека повеќе ќар ќе имаат ако си ги прошират капацитетите со нови објекти.

Темата нималку не е за смеење и иронија. Но, да не се лажеме – викендички како овие, па и тие на Попова Шапка, не се за социјално загрозени семејства поради кои повлечениот закон беше предложен, со цел да им реши животно прашање на многу семејства. Објектите што се протнуваат се проблематични од повеќе аспекти. Таквите дивоградители се криминалци, зашто бесправното градење според членот 244-а од Кривичниот законик е кривично дело и се казнува со казна затвор од три до осум години.

И на Попова Шапка брзаа да ги завршат дивоградбите пред да биде прогласена Шар Планина за национален парк. Симптоматично е што градежната офанзива и издавањето градежни дозволи секогаш се забрзува пред крајот на мандатот на локалната власт.

Двете најголеми зимски одморалишта во Македонија, Попова Шапка и Маврово, преку ноќ, ќе ги зголемат бројот на легла за идните посетители на ски-центрите. Тоа што на Шапка веќе изградените 90 викендички и 87-те во изградба во Маврово се дивоградби, е проблем само од привремен карактер. Таквите државата ги решава со носење закони за нивна легализација на секои 10 години.

Откако бетонот ќе се „зацементира“ во националните паркови, истите тие кои сега молчат, ќе бараат од државата и општината да им се изгради потребната инфраструктура, зашто ќе сакаат да развиваат туризам. Што е само подоцнежна фаза на проектот кој „инвеститорите“ обично го почнуваат со секири, а го завршуваат со вили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот