Матурантите повторно без групна фотографија и без забава: Разочарани сме, заслуживме да прославиме

Средношколци во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ниту оваа година матурантите нема да можат со прослава да стават крај на своето средношколско образование, а дел од нив велат дека тоа е ново разочарување за нив. 

– Сите верувавме дека до оваа година пандемијата ќе биде заборавена, но за жал не можевме да направиме ниту групна фотографија со учениците од класот, а за забава, пак, не можеме ниту да помислиме – вели Сандра Велковска, матурантка од средно училиште во Скопје.

Минатата година сосема неочекувано пандемијата со ковид-19 им ги промени плановите на матурантите, а и оваа година за спомен ќе им останат само алманасите и поединечните фотографии. 

-Ова е прослава која ја паметите цел живот, зборувате со години за неа, а ние нема да ја имаме и тоа е навистина лошо, заслуживме да прославиме – вели друг матурант за „Слободен печат“.

Дел од учениците жалат и што ќе ја пропуштат екскурзијата која се организира во трета година, а која опфаќа посета на повеќе европски земји.

-Мене лично не ми менува многу прославата на матурата, иако ќе беше добро сите да се собереме, сепак не ми прави поголема разлика. Искрено, многу повеќе ми е криво за пропуштената прилика за екскрузијата во трета година, бидејќи сме млади и сега треба да шетаме, навистина ми е жал што тоа не се случи – вели матурантот Николај Василев од скопското средно училиште „Никола Карев“.

Со него се согласува и неговата професорка по филозофија и етика, Елвира Мустафа, објаснувајќи дека навистина жали што ковидот им оневозможи на овие матуранти да го доживеат вистинскиот дух на државната матура.

-Ќе полагаат матура, но нема да прослават матура. Две години им отидоа во вода. Многу се разочарани. Навистина ми е жал што короната не им дозволи онака како што треба да го завршат срeдношколското образование – вели Мустафа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот