Матурантите бараат поддршка од пратениците, попладнево ќе одлучат дали ќе протестираат или ќе бојкотираат

Тинејџери седат во Градски парк / Скопје, септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Очекуваме и бараме поддршка од сите пратеници и сите политички партии за нашите барања во врска со државната матура, затоа што овие барања не смеат да бидат политизирани, изјави денеска претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по состанокот што Сојузот го одржа со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што информира Ходаи, Генералното собрание на Сојузот на средношколци попладнево ќе одлучи дали ќе бојкотираат или ќе протестираат во текот на наредните денови. Сепак, како што додаде, во понеделник нема да се вклучат во наставата.

– Тоа што го знам е во понеделник сигурно дека нема  да се вклучиме во наставата затоа што матурантите низ целата држава се фрустрирани и ние не можеме да носиме одлуки против нивниот интерес – вели Ходаи.

На средбата со групата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се дискутирало за барањето на Сојузот за државната матура, поточно за намалување на бројот на предметите од четири до два.

Ходаи потсети дека во четврток доставиле писмо за поддршка до сите пратеници во Собранието и како што рече, и наредниве денови ќе бараат поддршка за нивните барања да бидат дискутирани во јавна дебата во Собранието.

Ние денеска како Сојуз на средношколци сме многу отворени да ги дискутираме нашите барања со сите пратеници на сите политички партии затоа што сметаме дека овие барања не треба да бидат политизирани. Ова е нешто што го сака мнозинството на матуранти кои се во нашата држава – додаде претседателот на Сојузот.

Прашан дали досега добиле одредени притисоци од директорите или наставниците, Ходаи рече дека нема многу информации за притисоци од другите страни или градови. Сепак појасни дека доколку има одредени „скриншоти”, аргументи или факти дека има притисоци, истите веднаш ќе бидат објавени.

– Никој нема право да ги врши притисоци или закани до матурантите – рече Ходаи.

Игор Здравковски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска по средбата изјави дека го примиле барањето од Сојузот и сметаат дека матурантите имаат право да си ги бараат средношколските права.

Како ВМРО ДПМНЕ сметаме дека апсолутно имаат право да си ги бараат своите средношколски права поради сите овие околности што се настанати  од ковид пандемијата. Со ова не се прекршува ниту Уставот, ниту законите и затоа имаат асполутна поддршка. Ќе пробаме да ги искористиме сите алатки кои ни стојат на располагање за да ги актуелизираме ова прашање – додаде Здравковски.

Прашан дали како пратеничка група ќе иницираат законски измени во Собранието, Здравковски одговори оти разговараат, ги разгледуваат сите опции, имаат јавна расправа и постои опција да се стави ова како предлог закон на Комисијата за образование, наука и  спорт. 

– Имаме исто така опција да предложиме да одиме директно на пленарна седница со ваква точка. Сакаме да добиеме широка поддршка дури и од овие што се претставници на Комисијата од мнозинството за заеднички да донесеме што е можно побрзо решение, затоа што има и некои рокови што се проблематични што понатаму доколку се одложи целиот овој процес, би претставувало проблем за средношколците – посочи Здравковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот