Матичните лекари од Прилеп ќе волонтираат во ковид-центарот

Илија Јованоски

На матичните лекари од Прилеп им е препорачано од Кризниот штаб на градот еднаш месечно да волонтираат во ковид-одделението од прилепската болница. Здружението на матични лекари од Прилеп добило задача да состави список од матични лекари, кои по завршувањето на нивното работно време во приватните и државните амбуланти и ординации ќе одат да работат во ковид-центарот во втора или во трета смена, заедно со медицинска сестра.

На оваа препорака имало и лекари кои негодуваат, со образложение дека им се мешаат во ингеренциите и дека ќе клекне на колена примарното здравство доколку тие се разболат и нивните пациенти ќе мора да преминат кај некој друг.

Помошта од матичните – едно дежурство месечно

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, за ,,Слободен печат” тврди дека никој не се пожалил за ваквата препорака и дека матичните лекари нема да бидат во директен контакт со лежечките болни од ковид-19, туку дека ќе ги прегледуваат пациентите што ќе побараат преглед, а имаат покачена телесна температура, кашлица или наод на белите дробови. Тие ќе ги упатуваат пациентите на рентген, на специјалистички проверки и на таков начин ќе помагаат да се намали притисокот во ковид-одделението каде дел од медицинскиот персонал е во изолација поради позитивен тест или поради контакти со позитивни лица.

– Кризниот штаб ја задолжи претседателката на Здружението на матични лекари од Прилеп да направи распоред на сите матични лекари за да може еднаш месечно тие, заедно со медицинска сестра, едно работно време да волонтираат во времетраење од осум часа, било да е тоа во втора или во трета смена во болницата. Не е страшно и не треба да има реакции, напротив, треба да е чест и задоволство за секој доктор или медицинска сестра да помогне во тешката ситуација во која што сме – вели Јованоски кој и самиот е лекар и се пријави да волонтира во ковид-одделението.

Тој дополни дека на матичните им е дадена можност своето дежурство да го остварат во неработен ден, на пример во сабота, или во втора или трета смена по завршувањето на работното време во нивната ординација.

– Нема да добиваат надомест, на волонтерска основа е ова. Целта е да ги растовариме малку докторите на Инфективното одделение. Не сакаме да им наметнуваме ништо, но не е ништо страшно ако помогнат еднаш месечно. Вакво кризно време досега немало – изјави градоначалникот Јованоски за ,,Слободен печат”.

Градоначалникот посочи дека матичните лекари кои ќе доаѓаат на испомош нема да бидат во директен контакт со лежечките болни, туку ќе работат во амбулантата за прегледи, давање упати за рентген, терапија и слично. Ќе бидат максимално обезбедени во скафандери, визири, обувки. Освен матичните лекари, на помош во Прилеп каде што епидемиолошката слика е сериозна, ќе пристапат и волонтери кои што ќе го одржуваат редот пред стопанските субјекти.

– Станува збор за триесетмина млади луѓе, кои што ќе дежураат волонтерски пред банките, маркетите, аптеките, на градскиот пазар и ќе бидат редари. Оваа бројка очекуваме да расте – додаде градоначалникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот