Математичкиот гениј, кој беше кастриран бидејќи беше „геј“, ќе се најде на новата банкнота од 50 фунти
На новата банкнота од 50 фунти ќе се најде Алан Туринг, англиски математичар и компјутерски научник, кој по Втората светска војна беше осуден според застарени хомофобични закони.
Марк Карни, гувернерот на Англиската банка рече дека ликот на Туринг, кој почина во мистериозни околности во 1954, откако беше подложен на хемиска кастрација, ќе биде на новите банкноти што ќе бидат пуштени во промет до крајот на 2021 година.
– Тој беше неверојатен математичар и денес многумина се потпираат на неговите решенија. Туринг имаше немерливи и историски придонеси, а исто така се смета за „татко“ на компјутерската наука и на вештачката интелигенција, но и како воен херој – објави централната банка на Англија.
За време на Втората светска војна, Туринг беше дел од тим на британски криптолози кои дешифрираа нацистички пораки и помогна да се разбие германскиот систем „Енигма“.
Како хомосексуалец, тој во 1952 година беше осуден на хемиска кастрација и две години подоцна почина од труење со цијанид, што беше прогласено за самоубиство.