МАСОВЕН ШТРАЈК ВО ФРАНЦИЈА: Милион работници ќе протестираат против најавените промени на пензискиот систем

Фото: EPA

Франција се подготвува за масовен штрајк во кој ќе учествуваат милиони работници во знак на протест против плановите за подоцнежна возраст за пензионирање и намалени пензии.

Во генералниот штрајк ќе бидат вклучени вработените во училиштата и сообраќајот, правниците, медицинскиот персонал, персоналот на аеродромите и други.

Најмасовниот штрајк во последните години во Франција го организираат синдикатите незадоволни од плановите на претседателот Емануел Макрон за универзална бодовна пензиска шема.

Штрајкот се очекува да започне денеска при што некои водачи на синдикатот предупредуваат дека ќе го продолжи штрајкот се додека Макрон не го откаже своите намери за промена на пензискиот систем.

Според анкета, јавната поддршка за штрајкот е 69 проценти, а таа е најсилна кај младите луѓе на возраст од 18-34 години. Голем број на членови на „жолтите елеци” рекоа дека планираат да се приклучат на протестите.

Синдикатите што ги претставуваат вработените во транспортниот сектор – автобуси и железнички персонал – се согласија да штрајкуваат денеска.

Само десет проценти од возовите ќе сообраќаат денеска, а некои регионални линии нема да работат воопшто. Со штрајкот ќе бидат погодени и меѓународни возови како Евростар и Талис.

Во Париз, метро-операторот РАТП ги предупреди патниците да очекуваат сериозни нарушувања во сообраќајот во текот на целиот ден. Од градските 16 метро линии, само пет ќе бидат во функција.

Контролорите на летот исто така се во штрајк, со откажани 30 проценти од домашните летови на Ер Франс, додека Изиџет откажа повеќе од 200 летови.

Во штрајкот ќе бидат опфатени и болничари и болнички персонал, адвокати и полицајци, поштари…

Министерот за здравство соопшти дека засега не е познато колку сериозно ќе бидат погодени болниците од штрајкот, но во тек се подготовките за штрајк. Од штрајкот ќе бидат погодени и родители чии деца одат во основно училиште.

Синдикатите што ги претставуваат средните училишта очекуваат 60 проценти од наставниците да учествуваат во штрајкот, но училиштата треба да останат отворени.

Во моментов Франција има систем од околу десет различни пензиски шеми што Макрон сака да ги обедини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот