
Маск и Трамп „му се пуштија“ и на „Ројтерс“, веднаш откако агенцијата ги критикуваше нивните кратења како политички мотивирани
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата нова десна рака, милијардерот Илон Маск, денеска заеднички ја нападнаа британската новинска агенција „Ројтерс“ нарекувајќи ја „радикално лева“ и критикувајќи ја дека добила договор за одбрана од американската влада вреден 9 милиони долари во 2018 година.
Препорачано
„Вратете ги ПАРИТЕ СЕГА!“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа денеска.
Трамп во објавата не споменува дека тој беше претседател во 2018 година, односно договорот бил потпишан и спроведен под негово раководство. Ниту тој ниту Маск, кој исто така со објава на „Икс“ го критикуваше „Ројтерс“, исто така не наведоа дека парите не отишле во редакцијата на новинската агенција, туку во друга компанија, различно крило на концернот „Томсон Ројтерс“.
Американската влада ја ангажирала компанијата Thomson Reuters Special Services (TRSS), која соработува со владите и разузнавачките агенции на проекти поврзани со анализа на податоци, сајбер безбедност, проценка на ризик, обуки и слично. Директорот на оваа компанија, Стив Рубли, во соопштение објасни дека таа е целосно одвоена од медиумскиот дел на „Ројтерс“.
Нападот на Маск и Трамп доаѓа само еден ден откако агенцијата „Ројтерс“ пренесе изјави на двајца републикански експерти за трошоци-ветерани, кои оценија дека Одделот за владина ефикасност, на чие чело е Маск, ги спроведува масовните кратења на трошоците водејќи се од политичката идеологија, а не од добрата намера да се заштедат парите на американските даночни обврзници.
„Се прашувам колку пари „Ројтерс“ добива од владата?, напиша Маск во средата навечер на своите 217 милиони следбеници. „Ајде да дознаеме“.
„Американската влада на Ројтерс му плати милиони долари за „општествена измама од големи размери“, напиша Маск во објавата што оттогаш е закачен на својот профил. „Тоа е буквално она што го пишува на нарачката! Тие се тотална измама. Едноставно уау”, напиша тој.
Агенцијата „Ројтерс“ е основана во Лондон во 1851 година и таа е еден од најголемите светски новинарски сервиси, вработувајќи околу 2.500 новинари и 600 фоторепортери ширум светот. Во 2008 година, „Ројтерс“ беше купен од канадската корпорација „Томсон“, со што се создаде концернот „Томсон Ројтерс“.